Како држава од давање повеќе права на граѓани може само да профитираш. Со одземање права што претходно сте ги имале создавате само конфликтност, само расправии, вели претседателскиот кандидат на 31 партија, Стево Пендаровски, во интервју за МИА, на прашањето дали е потребен попис.
– Не мислам дека е неопходен пописот, од аспект на оние кои го бараат гласно, некои од политичарите. Според мене, тоа е небулозна теза да се види дали Албанците се стварно 20 проценти и дали им припаѓаат сите права што им ги имаме зацртано, а тие велат дадено според Рамковниот договор. На прашање на една трибина дали ако Албанците утре на некој иден попис излезе дека се под 20 проценти треба да им ги земеме правата, им реков дека во демократија само се додаваат правата за сите, не се одземаат. Не мислам дека Албанците се под 20 проценти, исто како што знам дека Македонците не се 64 проценти според оној попис што го имавме на времето. За жал, сите етнички заедници се многу помалку од тоа што е преброено во 2002 година – вели Пендаровски.
Тој додава дека пописот не е биден за етничките права затоа што, вели, етничките заедници веќе ги имаат тие права.
-Владата донесе одлука во првите месеци од доаѓањето на власт во 2017 година, дека пописот ќе биде во првата половина на 2020 година. Првите две години беа предвидени за широки експертски консултации со луѓе однадвор, за да се направи најдобриот модел и да го примениме и да добиеме најдобри резултати. Според мене, пописот не е битен толку за етничките права, тие се тука и можеме само да ги унапредуваме, туку исклучително е значајно да имаме вистинска бројка луѓе кои живеат овде за правилно да ги димензионираме здравствените политики, образовните – смета Пендаровски.