Кандидатот за претседател на државата поддржан од СДСМ и коалицијата вели дека за него е несватливо на предизборните собири за претставување на претендент за шеф на државата, наместо него, да зборуваат партиски претставници.
-Не можам да сфатам како, без притоа да критикувам некои од другите кандидати за претседателското столче, на плакат да ме пишува мене или – дојдете да го проследите митингот на кандидатот за претседател на државата, а двајца или тројца кандидати за пратеници или дел од раководството на партијата да зборуваат наместо мене, одговори Стево Пендаровски во „360 степени“ на МРТ 1 на прашањето – зошто на митинзите главно настапуваше сам, без лидерот на СДСМ, кој се појави само на неколку собири во Скопје.
„Да не заборавиме, во 2014 година бев дури и повеќе сам од сега, сега само некои од митинзите во помалите места ги водам и ги започнувам, а тогаш сите јас ги почнував и завршував и онаа иновација што ја направив пред десет години – сакам да разговарам со публиката, со граѓаните кои дошле и микрофонот им го давам ним“, вели Пендаровски.
На прашањето дали, сепак, тоа што е главно сам е поради разликата меѓу неговиот и рејтингот на партијата што ја поддржува, Пендаровски вели дека веројатно е неспорно дека неговиот личен рејтинг е подобар од партискиот, но повтори дека тоа нема никаква врска со неговите „соло“ настапи на митинзите и средбите со граѓаните.