Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Република Словенија, Марјан Шарец, кој престојува во официјална посета на земјава.
На средбата беше потврдена заедничката заложба за интензивирање на билатералната соработка во областа на одбраната, соработката во рамки на мисиите на НАТО и беа разменети информации околу актуелните случувања и безбедносните предизвици во нашиот регион. Во разговорите беше нагласено дека двете земји ќе продолжат да даваат несебичен придонес во регионалните иницијативи во интерес на натамошен развој на регионот и заедничка иднина во Европската Унија.
Претседателот Пендаровски го поздрави потпишувањето на Договорот за соработка во одбраната меѓу двете земји, изразувајќи очекување дека истиот ќе ја продлабочи соработката меѓу двете земји и ќе отвори ново поглавје на иницијативи и проекти.
На средбата претседателот Пендаровски изрази жалење за претрпените загуби и штети во големите поплави што ја зафатија Словенија, додавајќи дека и сега, како и за време на шумските пожари во Северна Македонија, двете земји уште еднаш го докажаа меѓусебното партнерство и солидарност. Двајцата соговорници истакнаа подготвеност за натамошна меѓусебна помош и поддршка во справување со елементарни непогоди и климатски предизвици, како и за заеднички одговор во итни случаи.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за конзистентната словенечка поддршка за пристапувањето на нашата земја кон ЕУ како и за севкупната поддршка од Словенија во насока на имплементација на реформските процеси и демократизација на земјава.