Пендаровски на сенароден собир во селото Црвена Вода

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски, денеска попладне, во 16 часот, во историското село Црвена Вода, општина Дебрца, ќе се обрати пред учесниците на најавениот, голем сенароден собир, свикан по повод одбележувањето на Денот на издавањето на Манифестот до македонскиот народ во 1943 година.

Истовремено, се одбележува и доаѓањето и престојот, во Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, на првата сојузничка воена мисија на анти фашистичката коалиција во Втората Светска војна од Велика Британија.

Општина Дебрца, 3. Октомври, го одбележува и како свој патронен празник.

Пред Спомен обележјето, покрај претседателот Пендаровски, свежо цвеќе ќе положат делегации на Генералштабот на АРМ, на општините Охрид и Дебрца, на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија, на боречките организации од Охрид, Дебрца, Струга и Кичево, на месната заедница во селото и други.

Гостите ќе можат да ја разгледаат реконструираната зграда на Спомен домот, за што средства, во висина од 10 илјади евра, обезбеди општина Дебрца, заедно со Спомен собата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, како и Спомен собата и родната куќа на писателот Ванчо Николески, доаенот на македонското детско-младинско литературно творештво.

Потврди за учество на прославата пристигнаа и од претставници на дипломатските мисиси во Скопје.

 

Поврзани новости