Да се има офицерски чин е голема чест, но уште поголема одговорност кон Армијата и татковината. Оваа ваша одговорност ќе треба да ја носите со достоинство како што и прилега на една армија на земја-членка на НАТО, порача денеска претседателот Стево Пендаровски на свеченоста по повод заклетвата на 23-та класа на питомци и слушатели од курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери, како и промоцијата на 19-та класа на питомци во чин потпоручник во нашата Армија.
– Оваа ваша одговорност ќе треба да ја носите со достоинство како што и прилега на една армија на земја-членка на НАТО. Како ваш врховен командант, од вас очекувам да внесете нова енергија и нови знаења во структурите на Армијата и сето она што научивте изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со цел да придонесете во зацврстувањето на борбената готовност и моралот на Армијата, рече Пендаровски.
Деканот на Воената академија Орце Поповски на питомците и на промовираните потпоручници им порача да размислуваат како работите може да бидат подобри. Да размислуваат со своја глава затоа што кога ќе станат команданти треба да имаат свои идеи и начини за подобрување на системот. Тој им укажа да се трудат да ги почитуваат луѓето со кои работат и дури тогаш кога ќе треба да преземат мерки за нивна недисциплина, тоа да го направат со почит.
Свечена заклетва пред Врховниот командант, претставници на државниот врв, генерали и гости од регионот и роднини денеска дадоа питомци од 23 та класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, а промовирани беа потпоручници од 19-та класа, како и нови 29 кандидати на курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери на лигистички специјалности и служби за потребите на Армијата и Министерството за одбрана.