Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вечерва му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој го повикуваше да одговори за наводна средба во вилата на Водно, дека веројатно го заменил со неговиот претходник Иванов.
„Мислам дека на Мицкоски му се привидува нешто. Тој ме заменил со еден што беше пред мене претседател, Ѓорѓе Иванов – тој помилуваше криминалци. Јас криминалци ниту сум помилувал ниту имам намера да помилувам. Него му е голем страв Груевски да не му се врати од каде што избега, затоа што ако му се врати Груевски се знае кој е правиот газда таму, тој го постави на тоа место каде што е. И постојано обвинуваат дека јас ќе го амнестирам Груевски или преку измени на кривичен закон или не знам како. Дали го гледа некој Груевски во Македонија? Како сум го амнестирал? Груевски е таму кај што беше. Меѓутоа стравот е толку голем и му излегува од очи, да не случајно му се врати Груевски. Значи повторувам – ниту некој пат сум имал намера да амнестирам некого, ниту сум амнестирал, ниту ќе амнестирам. Нека се обрати кај неговиот поранешен претседател Ѓорѓе Иванов, кој патем кажано, е личен пријател со против кандидатката Силјановска Давкова“, додаде Пендаровски.