Секој обид за дискриминација на лицата со попреченост е нарушување на вроденото достоинство на човековата личност. Ако сакаме да ја изградиме нашата земја како напредна европска држава сите ние треба да работиме заеднички. Кога секој од нас би го дал најдоброто од себеси, своите таленти и идеи, дарба, вештини, тогаш ќе живееме во похумано општество. Тогаш една по една ќе ги надминуваме сите пречки што постојат во нашето општество со цел ваша целосна вклученост во него, рече претседателот на државата Стево Пендаровски кој денеска го посети државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје (ДУРДМОВ) по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
– Денеска сме тука да го одбележиме Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Меѓутоа, јас мислам дека денес прво треба да си го поставиме прашањето дали попреченоста е причина за правење разлики меѓу нас луѓето. Лично сметам дека попреченоста не е основа за разлики, туку е основа за сличност, бидејќи сите ние сме слични меѓусебе поради една едноставна причина – никој од нас не е совршен, рече Пендаровски.
Затоа, додаде тој, наместо за пречки кај луѓето, предлагам да зборуваме за пречките што постојат во општеството, пречки со кои за жал многу наши сограѓани се соочуваат секојдневно, напоменувајќи ги пристапот за инвалидски колички, патеките за лица со оштетен вид, литературата со Брајово писмо, преводите за глувонеми.
– Пораката што сакаме денес да ја пратиме е дека сите вие треба да имате можност активно да се вклучите во носењето одлуки и креирањето политики особено оние кои се однесуваат на вас. Само така ќе успееме доследно да ги постигнеме целите за одржлив развој 2030 година. Дел од тие цели е и целосна инклузија на лицата со попреченост како неотуѓив дел од нашето општество. Не е во ред да носиме одлуки за вас без вашето учество и без ваша согласност, рече Пендаровски.
Директорот на ДУРДМОВ, Горанчо Јакимов рече дека идејата за овој настан произлегла од нивната интенција за следење на современите инклузивни текови како во современите општества така и кај нас како и од важноста на концептот за социјална инклузија и еднакви можности за сите.
– Длабоко свесни дека инклузијата пред се значи учество.Нашите деца навистина го залужуваат вниманието и поддршката од највисоките инстанци на нашата држава, додаде Јакимов.
Настанот во ДУРДМОВ „Преку игра до пријателство“ се организира за првпат и е со поддршка на претседателот на Северна Македонија. Вкупно 16 деца со оштетен вид со децата од редовните училишта од општина Кисела Вода и приватното училиште НОВА се натпреваруваа во шах меѓу кои и претседателот Пендаровски.
Секоја година на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лица со попречености. Според Светска банка една милијарда луѓе или 15 отсто од светската популација се соочуваат со одреден степен на попреченост. Мотото на годинашното одбележување на овој ден е „Промоција на учество на лицата со попречености и нивно лидерство“