Пендаровски му ги претстави приоритетите на Македонија на принцот Едвард

by fokus

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Неговото Височество принцот Едвард, грофот од Весекс, кој престојува во официјална посета на земјава.

Посакувајќи му добредојде во Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски изрази задоволство од посетата на Неговото Височество, оценувајќи ја како потврда за силните врски меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, соопшти кабинетот на претседателот.

Пендаровски изрази благодарност за севкупната британска поддршка за Северна Македонија и изрази очекување дека во иднина таа ќе се продлабочува и проширува.

Тој  го запозна принцот Едвард со приоритетите во неговата работа во следните пет години, со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели на државата – членство во Европската унија и во НАТО. Претседателот Пендаровски посочи на потребата од подобрување на перспективите за младите, преку стипендирање на студентите и истражувачите, поддршка за научниот и технолошкиот напредок на државата и преку поддршка на младински иницијативи, а со цел спречување на одливот на мозоци од земјата.

Здрава животна средина е право на секој граѓанин на Република Северна Македонија, затоа претседателот ќе работи на подигнување на свеста и ќе ги поттикнува надлежните да обезбедат еколошки чиста средина.

На средбата принцот Едвард изрази задоволство од можноста по втор пат да ја посети Република Северна Македонија и на претседателот Пендаровски му честиташе за стапувањето на функцијата, посакувајќи му успех во неговата работа, се вели во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

Поврзани новости