Пендаровски: Многу тешко до двотретинско мнозинство за уставните измени

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски, не е задоволен од досегашниот процес на евроинтеграција на земјата, со оглед на тоа што по 17 години чекање со статус на кандидат, конечно почнуваат преговорите за зачленување.

-Ние бевме практично заборавени од страна на Европската Унија и со серија уцени во меѓувреме, еве некако успеавме да направиме некаков компромис со Република Бугарија, со помош на француското претседателство и да почнеме со преговори. Меѓутоа, ако гледате наназад, еве од 2005 година сме со статус на кандидат, допрва сега да почнувате преговори, не може никој да каже дека сме со голем успех на тој план, рече Пендаровски во интервју за Агенцијата Анадолија по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Турција.

Според претседателот, чекањето не се должи толку на недостигот на реформи, туку и на отворените блокади. Тој, исто така, тврди дека и „неколку европски држави не беа заинтересирани за регионот на Балканот“. Потсетува дека Црна Гора и Србија преговараат веќе десет години за членство во ЕУ, но и дека сите држави од Западен Балкан чекаат да напредуваат кон Европската Унија.

-Босна и Херцеговина е државата која објективно најмногу пропати од распадот на бивша Југославија, со најмногу жртви, над 100 илјади мртви и не знам, некои велат, и над два милиони раселени. Поради познатите внатрешни контрадикции, таа не може да напредува. Меѓутоа, и Европа, затоа што некои држави се поблиски до едниот ентитет, други до другиот ентитет, не им дава многу рака да ги извлече од тој амбис кон кој се приближуваат, рече Пендаровски.

Како последица на ваквата ситуација, според него, младите од целиот Балкан се селат, додавајќи дека ниту една држава денес нема ни близу толку жители колку што имала пред 20-30 години.

Прашан во контекст на уставните измени кои произлегуваат од билатералниот Протокол потпишан со Бугарија, тoj e скептичен дека сегашнава опозиција во Парламентот има расположение да гласа за уставните измени. Пендаровски смета дека во досега потпишаните документи нема никаква опасност кон македонскиот идентитет и јазик, а дека ставот на опозицијата е наметнат од внатрешнопартиска логика.

– Вие не можете со сила никого да натерате (да гласа), ако од сегашната опозиција мислат дека документиве се опасност за македонскиот народ. Јас не мислам така. Моја проценка е дека многу тешко ќе се дојде во овој парламентарен состав до 2/3, затоа што, колку што јас можам да проценам, опозицијата во македонскиот Парламент го чита договорот со Бугарија, односно преговарачката рамка со Европската Унија, низ партиска диоптрија, рече Пендаровски.

Говорејќи за политичката поларизација во земјава, тој вели дека не може да се постигне консензус ни за стратешките прашања како што се евроинтеграциите.

-Двата главни политички блока се толку далеку и поларизацијата е толку голема што и јас навистина не верувам дека тука има минимум волја, пред сѐ поради однесувањето на опозицијата, да се договориме за некои две-три стратешки работи, вели Пендаровски според кого не би помогнала ни можна лидерска средба иницирана од неговиот Кабинет.

Претседателот Пендаровски, за односите со Турција вели дека се на исклучително високо ниво и дека земјата, уште од почетокот на 90-тите години, кога ја прогласи својата независност, па сѐ до денес, секогаш добивала максимална поддршка од Анкара, која ѝ помага на патот кон нејзиното членство во меѓународните организации, но и во економската област со бројни инвестиции.

Поврзани новости