Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор претседателски мандат Стево Пендаровски вели дека не е негово да проценува со кого ВМРО-ДПМНЕ ќе оди во коалиција по парламентарните избори на 8 мај.
Пендаровски, осврнувајќи се на вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во која објави мораториум на нападите врз Левица и ЗНАМ и повика на обединување, рече дека е демократски секој да одлучи со кого ќе коалицира.
-Не е мое да проценувам со кого сака да коалицира, се разбира дека може, демократија е. Кој ќе прифати, а кој нема да прифати и тоа е демократски избор – рече тој.
Според него, она што е симптоматично е што изјавата на Мицкоски доаѓа уште на првиот ден од почетокот на кампањата за парламентарните избори.
-Она што мене ми е симптоматично е што на првиот ден од кампањата за парламентарни избори Мицкоски бара помош, бара дополнителни коалициони партнери. Ние тоа не го правиме. Нашата коалиција е од најмалку 15 политички партии, направена е многу одамна, се базира на вредности и принципи. Ние во сред кампања не бараме помош од пријател – вели Пендаровски.