Димитриевски: Нема коалиција без да се дефинираат црвените линии

by Фокус

Максим Димитриевски, претседателски кандидат на ЗНАМ, пред граѓаните на Велес потенцираше дека нема да прават коалиција додека не се потпишат и дефинираат црвените линии за Македонија.

-За нас и едните и другите се подеднакво исти. Во оваа наша држава од 90-та година наваму граѓаните само еднаш гласаа За. На референдумот за независност. И така 30 години се вртиме во круг и гледаме како Македонија ја прават наменска држава, по нивни терк – рече тој.

Тој додаде дека тие се против модерното ропство.

-Ние сме за поголеми права, поголеми плати, поголеми пензии, подобар стандард на граѓаните. Ние тоа ќе го реализираме. Тешко ќе биде, но ќе успееме. Македонецот ќе биде и граѓанин од прв ред и свој на своето, зашто Македонија ќе биде самоодржлива држава со силна економија – потенцира Димитриевски.

Тој исто така рече дека од сегашната опозиција, а довчерашна власт, даваат некакви понуди за национална стратегија, што, како што потсети, е идеја на ЗНАМ.

Димитриевски потенцира дека први ја предложиле таа идеја и рекле дека нема да коалицираат, ниту ќе разговараат со некој за идна коалиција без претходно да бидат потпишани и дефинирани црвените линии за Македонија.

-Рековме дека со ова актуелно раководство на СДСМ, коешто многу се огреши и кон народот и кон Македонија, нема теоретска шанса да разговараме за идна коалиција. Но, сакам да испратам порака и до оние кои беа власт претходно. Дека пред да седнат со нас на маса ќе треба да расчистат со основниот проблем кај нив и сето она што значи заостанати коруптивни дела од претходната власт, бидејќи немаме намера да менуваме едни за други исти – порача тој.

Поврзани новости