Претседателот Стево Пендаровски не одбива дебата, но би ја прифатил само ако на неа учествуваат сите седуммина кандидати. Но тој вечерва од митингот во Општина центар рече дека има резерва кон Македонската радио-телевизија поради аферата која излезе со наводно нарачаните анкети на јавното мислење.
„Јас бев првиот кој понуди дебата со сите кандидати и не правев селекција – ‘овој да биде, овој да не биде’. Ќе дојдам каде и да е дебатата на која ќе присуствуваат сите седум кандидати – со мал исклучок, МРТ. Тука имам резерва. Ако е точно, за аферата што излезе пред неколку дена, дека наводно има документи кои докажуваат дека штабот на најголемата опозициска партија организирал центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда, тогаш нека причекаат додека надлежните органи не ја расчистат, зашто можеби не е точна, можеби е фаслсификат. Прво расчисти ја, па потоа ќе ме викаш на дебати“, рече Пендаровски.
Прашањето за евентуалното учество на предизборна дебата на МРТ му беше поставено од вечерашниот митинг во Центар. Пендаровски денеска на социјалните мрежи порача дека би учестувал на дебата каде било и под какви било услови, доколку на неа учествуваат сите седум кандидати за шеф на државата.