Пендаровски: Јасно е дека на декемврискиот Самит нема да има позитивна одлука за нас

by Fokus

Исходот од декемврискиот Самит е јасен каков ќе биде, со оглед дека предусловот го имаме во европската преговарачка рамка, не можеме да го исполниме, тоа е очигледно. Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата, ништо не се промени во таа насока. И јасно дека во декемврискиот Самит не може да има позитивна одлука за нас.

Ова го изјави денеска претседателот на државата, Стево Пендаровски, во одговор на новинарско прашање во врска со очекувањата од Самитот на лидерите на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во декември.

Пендаровски, кој се обрати на Годишниот самит на Глобалниот парламент на градоначалници 2023 на тема „Моќни, ангажирани и хумани градови: Обезбедување демократија и развој за идните генерации“, смета дека условот не се исполнува, а овој месец завршува скринингот, и, како што истакна, тоа беше главниот предуслов да продолжи земјава со втората конференција.

Прашан дали смета дека власта и опозицијата ќе се договорат околу датумот на изборите и дали споредно него претседателските и парламентарните избори ќе бидат заедно или одвоено, претседателот Пендаровски изрази мислење дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и оти можно е наскоро да се договорат за одржување на изборите во ист временски период.

-Мислам дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и веројатно наредните денови ќе имаме и официјална објава дека е постигнат договор за одржување на парламентарните и на претседателските избори во ист временски период, изјави претседателот Пендаровски.

 

Поврзани новости