Мала е разликата меѓу бројот на гласови кои кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, ги освои во првиот круг од претседателските избори годинава, во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2014 година. Пред четири години Пендаровски имал освоено само 2.318 гласови повеќе од сега.
Во 2014 година вкупно 326.164 гласови биле избројани на контото на Пендаровски. Од друга страна пак, неговиот тогашен противник, кој ги освои изборите, Ѓорге Иванов, имал далеку повисоки бројки од сегашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска. Пред четири години, во првиот круг од претседателските избори, Иванов освои 449.442 гласа. Споредбено со Силјановска денеска, Иванов освоил дури 130.202 гласови повеќе од неа.
Во вториот круг разликата е уште поголема кога за Иванов гласале 534.910 гласачи, или околу 215.670 повеќе од гласовите што Силјановска ги доби во првиот круг.
Иванов и Пендаровски во првиот круг во 2014 година се тркаа со уште двајца кандидати. Кандидатот на ГРОМ, Зоран Поповски, тогаш освои 31.368 гласови, додека кандидатот на ДПА, Илјаз Халими 38.966 гласови.
Третиот кандидат на актуелните избори, Блерим Река, пак, во првиот круг освои 10 отсто од гласовите, или вкупно 79.915.
Во првиот круг од претседателските избори во 2014 година имаше околу 23.677 неважечки ливчиња. Сега, пак, има вкупно 32.828 или околу 4,34 отсто од ливчињата биле неважечки.
Излезноста во 2014 година била поголема отколку сега. Пред четири години во првиот круг изглегле да гласаат 869.547 гласачи, додека во неделата на гласање излегоа 716.828.
Сепак, мора да се напомене дека за разлика од вчерашното гласање кое беше оценето од сите страни како мирно и во демократска атмосфера, истото не можеше да се каже за претходниот изборен циклус каде се бираше претседател. Изборите на кои победи Иванов беа критикувани поради бројните нерегуларности и изборни измами, поради што и беа отворени истраги кои резултираа со судски постапки против тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
М.В.