Претседателот Стево Пендаровски во вечерашното интервју на телевизија Канал 5 се осврна и на блокадата на заклучоците на ЕУ за Западен Балкан од страна на Чешка и Словачка. Вели дека тие пред се, си ги штитат сопствените интереси.
-Сето тоа се случува внатре во ЕУ, ние таму не сме играчи, нас не не прашуваат како би требало да гласат заклучоците. Словачка и Чешка реагираат. Вчера во текот на денот од нивните амбасадори бев информиран дека ќе одат со таа формулација. Пред неколку дена во бугарскиот парламент се изгласа дека Кирил и Методиј се прогласуваат за бугарски просветители, а во Уставот на Словачка во Преамбулата каде што се опишува како се создавала државата, се споменати и Кирил и Методиј. И тие сега велат со став на ЕУ во целина, не можете да кажувате како е направена нашата држава. Јас разговарав со амбасадорите и им изразив благодарност. Но, треба да имаме предвид дека тие пред се, си ги штитат сопствените прашања. Што се однесува до Русија, таа има јасни ставови за битните маркери за македонскииот идентитет. Тие не се членка на ЕУ, не можат да влезат во расправа. Но, Русите секогаш потенцираат македонски јазик, македонски народ, вели Пендаровски.