Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).
– Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти, наведува Кабинетот на Пендаровски во соопштението.
Државната комисија за спречување на корупцијата утрово соопшти дека своето мислење по спорниот предлог-закон однос требало денеска да го достават до претседателот на Собранието, но вчера законот беше донесен во скратена постапка и затоа најавија дека мислењето ќе го упатат до шефот на државата Стево Пендаровски и ќе бараат да не го потпише указот.
Ставот на ДКСК, по извршена антикорупциска проверка, е дека овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Додаде дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Откако Пендаровски сепак експресно го потпиша, ДКСК најави дека ќе го даде на Уставен суд своето мислење по однос на овој закон.
Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положа и однесување на пазарот.
Законот што вчера го усвои Собранието, на предлог на група пратеници, е конкретна реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.
Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 Д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.