Одредени политички субјекти во Бугарија, локалниот инцидент во Охрид се обидуваат да го стават во политички контекст и да го политизираат за да добијат политички поени на краток рок, смета претседателот Стево Пендаровски.
-Јас можам да разговарам за моето соопштение во кое направив неколку елементи, следејќи го соопштението на ОЈО Охрид. Прво, осудив чин на насилство, кој е наспорен, бидејќи дечкото има тешки телесни повреди. Второ, кажав дека е секретар на клубот на Бугарите во Охрид, затоа што ОЈО Охрид тврдеше дека така почнал инцидентот, дека му рекле „не ти е срам да се пишеш Бугарин”. Значи го следев она што го кажува официјален државен орган. И во третиот дел, ги повикав надлежните органи да го расчистат целиот случај и виновните, не велам кој е виновен, да сносат санкции”, рече вечерва Пендаровски во гостувањето на Топ Тема, говорејќи за инцидентот во Охрид во кој беше претепан генералниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети”, Христијан Пендиков.
Според претседателот, станува збор за историски наративи или разбирање на односите меѓу нашата држава и Бугарија.
-Станува збор за историски наратив или разбирање на односите меѓу Македонија и Бугарија кое датира од 60 години на минатиот век. Тоа е влезено во главите на многу бугарски генерации и политичари, а има и кај нас таков наратив, низ такво светло и призма да ги гледаме македонско-бугарските односи. Од тоа не можеме да побегнеме бидејќи тоа се опашки кои се влечат и веројатно ќе се влечат децении и децении после нас, смета Пендаровски.
Втората причина според претседателот, се повторно закажаните избори во Бугарија за 2 април, кога, како што рече, секој од овие помали политички субјекти се обидуваат да капитализираат на вакви инциденти, бидејќи тие немаат друга политичка агенда.
-Ова им е единствена храна со која се хранат и само со таква радикална агенда можат да добијат едно или две места во бугарскиот Парламент. Со злоупотреба и политизација на овој случај можеби ќе успеат, додава Пендаровски.
Инаку, Бугарија деновиве го повлече својот амбасадор Ангел Ангелов од Скопје на консултации во Софија.
-Бугарскиот амбасадор замина заедно со дечкото кој го однесоа на лекување во Софија. Подоцна ја кажаа таа квалификација дека ќе остане извесен период на консултации. Значи, не е повикан на консултации по два или три дена, туку истиот ден, но неспорно е останат за консултации, рече Пендаровски.