Пендаровски го додели признанието „Инженерски прстен 2019“

by fokus

Претседателот  Стево Пендаровски, на свеченост во Музејот на современа уметност вечерва го врачи признанието „Инженерски прстен 2019“, што по 16-ти пат им се доделува на најуспешните дипломирани студенти од техничките факултети.

Младите научници и инженери со нивниот успех, знаења и вештини, како што рече претседателот, се иднината на земјава.

– Знаењата мора да се надградуваат, затоа што само така ќе бидете конкурентни на пазарот на трудот во глобални рамки со своите колеги од Европа и светот. Посакувам и се надевам дека најголемиот дел од вас своето знаење и искуство стекнато надвор ќе го имплементирате во земјава, со цел да изградиме уште подобро општество за сите, рече Пендаровски.

Посочи дека примената на нови знаења во сите сегменти, a посебно во развојот на техниката и технологијата, е и тоа како битна, бидејќи само со вистински реформи можеме да постигнеме напредок во земјата.

– Како претседател ќе се залагам за одговорен однос кон образовниот систем, младите луѓе мора да добијат можности и перспективи да го реализираат својот потенцијал, и стекнато знаење тука, во сопствената држава, а нашите заложби за што побрз влез во евроатлантските структури и чекорите што досега се преземени, се вистинскиот правец по кој ќе продолжиме да се движиме, додаде претседателот.

Инженерскиот прстен го доделува Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овлатени инженери, под покровителство претседателот на државата.

Поврзани новости