Пенчиќ за урбанистичкиот хаос: Мечтаеме за Менхетен, а граѓани ни умираат од канцер!

by Fokus

Во декември минатата година се издадени 378 одобренија за градење, што е за 23,9  проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика минатата седмица.

Очекувано, најмногу дозволи за градба, 167,  има во Скопскиот регион, зад кој следат Полошкиот – 58, Источниот – 43, Југозападниот – 31, Југоисточниот – 25, Вардарски – 22, Североисточниот – 21, Пелагонискиот – 11.

Со тоа продолжува урбаниот хаос во Македонија, кој сериозно ја загадува животната средина која и така не е на некое високо ниво.

Професорката од Архитектонски факултет, Дивна Пенчиќ е разочарана за тоа што се случува во нашата земја, апелирајќи дека не може да се оди до бесконечност.

„Густината на живеење е занемарена, мечтаеме за Менхетен. Не може само да се планира изградба и пораст на бројот на станови, а притоа да не се обезбедат основни услови за живот и тоа на пропишано растојание на достапност во метри (200м, 400м, 800м) и минути (5, 10, 15 мин.).

 

Во урбанистичкото планирање тоа се вика: оценка на капацитетот и можностите за развој на градски блок четврт или цел град. Кај нас феноменот е дека градовите ни се намалуваат или стагнираат по број на жители, ама станбената изградба повеќекратно се зголемува“, анализира за „Фокус“ оваа професорка.

Неконтролираното градење на станбени згради и други објекти се сериозна закана за животната средина, а тука спаѓа загадувањето во воздухот и многу други фактори кои штетат на средината.

„Градежната експанзија носи низа проблеми од аспект на животната средина. Интензивното градење, односно големи градежни зафати во исто време на мал простор, создава загадувања од самиот чин на градење: голема фреквенција на големи градежни машини кои користат загадувачки горива и создаваат големо количество на прав и испуштаат загадувачки материи во воздухот, бучавата и од механизацијата и од самиот чин на градење, градење и за време на викенди, со немање време природно да се прочисти воздухот“ додава таа.

Друг проблем е, вели Пенчиќ, што за изградба на објекти се искористува секој слободен простор и со тоа дополнително нема услови за апсорпција на загадувањата и при градење, но и при експлоатација на објектите. Интензивното градење и начинот на поставување на објектите во просторот, најчесто ги занемарува аспектите на потреба од природна осончаност и проветреност и со тоа создава неповолна микроклима во градскиот простор, но и потреба од дополнителни средства за греење и разладување, кои пак најчесто се загадувачки, смета нашата соговорничка.

Тука се поставува прашањето кое го интересира секој поединец: Како ова градење на згради влијае директно врз здравјето на граѓаните?

 

„На секој чекор гледаме необезбедени градилишта, градилишта поради кои цела населба е валкана и насекаде се разнесува прав со години, се лажира енергетската-ефикасност со материјали кои тоа не го обезбедуваат, а дополнително загадуваат и при нивно производство и при експлоатација на објектот.

 

Ние сите граѓани сме загрозени од начинот на кој се гради во нашите градови и бројките на заболени од канцер, белодробни болести и сл., се доволен показател да се прогласи стопирање на сите градби и преиспитување на градежната легислатива“, додава таа.

Сепак, според нашата соговорничка, постои начин да се спречи ваквиот урбанистички хаос доколку се има желба за такво нешто.

„Денес кај нас, секој си дава за право, од политичари до инвеститори и алчни граѓани, да ја девалвираат струката, да ја потценуваат и да ја поништуваат, барајќи квадрат повеќе и бесконечно богатење. Само со совесно и квалитетно урбанистичко планирање и сеопфатни и квалитетни урбанистички планови може да се превенира понатамошното намалување на квалитетот на живот во градовите и населбите, но и да се санира настанатиот хаос.

 

Потребно е сериозно да го обновиме знаењето од урбанистичко планирање, стручните лица да се потсетат за неговото значење и да се побара етичка и морална одговорност на сите вклучени во планирањето“, го заврши разговорот Пенчиќ.

Фото – Само прашај

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости