Украинскиот народ се бори за демократија за сите нас, изјави денеска во Загреб претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Ненси Пелоси.
„Крим е Украина. За жал, сега знаеме дека руските акции на Крим се само една димензија на сеопфатен напад врз Украина и демократијата““, нагласи Пелоси во своето обраќање.
Пелоси учествува на првиот парламентарен самит на Кримската платформа во Загреб, организиран од хрватскиот Сабор и Врховната рада.
Таа истакна дека борбата на Украина е важна за сите демократии. „Украинскиот народ се бори за демократија во својата земја, но се бори и за сите нас“, рече претседателката на Претставничкиот дом на САД.
САД испратија повеќе од 60 милијарди долари хуманитарна, економска и воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија.
Пелоси додаде дека Вашингтон ќе продолжи да го поддржува Киев. „Тоа е она што ќе го правиме – се додека не се постигне победа“, рече таа.
Во последните недели Русија ги засили нападите врз украинските градови, цивилната и енергетската инфраструктура.
Пелоси ја обвини Русија дека „нападите врз цивилната инфраструктура се воени злосторства“ и нагласи дека санкциите против Русија треба да продолжат.