ССМ со реакција до Арсовска: Нема да се исклучат вентилите, туку ако пукне цевка нема да има кој да ја поправи

by fokus

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да не шири паника, туку да помогне во борбата за остварување на правата на работниците и да ги спречи оние кои ги прекршуваат, а во спротивно ќе се потврдат фактите дека работничките права се кршат по нејзин диктат од нејзините шерифи кои за потсетување оставија повеќе од 1000 работници во ЈСП без плата, а сега сака да остави повеќе од 1000 работници во ЈП Водовод и канализација Скопје без работа доколку не се послушници на нејзиниот в.д директор, побараа утрово од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според ССМ, на вчерашната вонредна прес конференција Арсовска кажала лага дека на скопјани ќе им биде исклучена водата од страна на синдикатот.

-Очигледно за Градоначалничката Арсовска, флагрантното прекршување на законите утврдено од државни органи е само констатирана техничка грешка, што претставува крајно непознавање на прописите и навреда за работниците, а покрај инспекциските служби, неправилности едногласно утврди и Управниот одбор на јавното претпријатие.

Дури 93 вработени за кои Митовски лично сметал дека се непотребни да работат во претпријатието ќе бидат вработени согласно предходниот оглас за продолжување на нивните договори за вработување до крајот на 2022 година согласно програмата за вработување во претпријатието, а укинати се и незаконските задолженија на над 30 вработени во претпријатието, а за што предупредуваше синдикатот, велат од ССМ.

Од таму додаваат дека „срамно и жално е во време на ваква економска криза, градоначалничката на Скопје да се обидува да профитира од лажни вести и да се влева дополнителен страв кај граѓаните кои едвај го поминуваат месецот и секојдневно се заглавуваат во долгови, а работниците во јавните претпријатија да живеат во страв и паника за нивната егзистенција и работа“.

-Претседателот на ССМ, Дарко Димовски како и за секоја друга информација до јавноста укажа на последиците доколку некоја институција влезе во штрајк, дека тоа ќе значи намалување на услугите кои ги нуди јавното претпријатие, во согласност со законите, па доколку штрајкуваат вработените на АД Пошти ќе има застој во приемот и испраќањето на поштата, кога штрајкуваа ЈСП немаше кој да ги управува автобусите, доколку штрајкуваат вработените на Водовод нема да има исклучување на вентили, туку доколку дојде до пукање на цевка ќе нема кој да ја поправи, ќе нема кој да се грижи за пумпите за вода, ќе нема кој да ги управува машините и алатите, едноставно ќе нема кој да ја одржува водоводната мрежа, освен доколку тоа не го прават лично Арсовска и Митовски, рекоа од ССМ.

Арсовска вчера порача дека и покрај паниката којашто сакаат да ја креираат неколку иннстументализирани лица, градот Скопје ќе има непречено, квалитетно и континуирано снабдување со вода.

Поврзани новости