Адвокатот и советникот на премиерот Миле Зечевиќ е предложен за независен член на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола на наредното Собрание на акционери што ќе се одржи на 13 март, објави порталот ИРЛ. Зечевиќ за оваа функција со мандат од четири години доаѓа како предлог на А.Д. „Пелистерка“.
Миле Зечевиќ работи како адвокат и е долгогодишен член на раководството на СДСМ. Беше директор на УБК, шеф на изборниот штаб на партијата на последните локални избори во 2017 година. А, со доаѓањето на СДСМ на власт, премиерот Зоран Заев го именуваше за негов надворешен советник за адвокатски услуги.
Освен Зечевиќ, други предлози на „Пелистерка“ се Дејан Панделески, Иванчо Велјановски, Александра Радевска, Илија Тозија и Игор Камбовски.
Како влегува во ова друштво Миле Зечевиќ побаравме коментар од него. Тој за ИРЛ потврди дека е предлог за член на Надзорен одбор, дека е долгогодишен пријател со Дејан Панделески и одамна адвокат на фирмата ќерка на „Пелистерка“ – „Еуро дистрибуција“.
Панделески е кумашин на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и син на Цветан Панделески, кој е директор на ЗИК „Пелагонија“ и во моментов е во домашен притвор за случајот „Империја“. Тозија, пак, е близок пријател со синот на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков.