Кинескиот и рускиот амбасадор во Вашингтон заеднички ја осудија одлуката на САД да ги исклучат двете земји од виртуелниот самит за демократија што ќе го организира американскиот претседател Џо Бајден во декември.
САД си дозволуваат да дефинираат „која земја е „демократска” и која не ги исполнува условите за добивање на тој статус”, што го сметаме за дел од „менталитетот на Студената војна”, изјавија амбасадорите на Русија и Кина Анатолиј Антонов и Чин Ганг за конзервативното списание Нешнл интрест.
„Ова повторно ќе ги разгори идеолошките конфликти и глобалните несогласувања и ќе го отвори патот за нови поделби”, предупредија дипломатите, повторувајќи ги критиките од официјален Пекинг и Москва во вторникот, веднаш штом беше објавен списокот од околу 110 земји и територии поканети на самитот.
Отфрлајќи ја идејата за унифициран модел на демократија, кинеските и руските дипломати беа полни со пофалби за режимите во нивните земји, кои, како што наведоа, се засноваат на кинеската „реалност”, односно руските „традиции”.