Ако пред две години му дојде како големо изненадување забраната за влез во соседна Грција, поради тоа што таму пеел македонски песни, деновие на фолк пејачот Јордан Митев грчките власти повторно му приредиле една немила ситуација.
Имено, уште лани во август тој испратил свое ЦД со македонски песни кај негови фанови во Грција, а истото пред неколку дена му било вратено назад, со назнака дека Македонија во Грција е препознатлива како ФИРОМ, посочена кон поштенската марка на која пишува Македонија.
Пејачот револтиран поради постапката, реагираше на социјалните мрежи.
-Иако си ветив дека ќе ги премолчувам ваквите теми,сепак мојата македонска совест не ме остава да бидам рамнодушен. Нашите јужни соседи дефинитивно од нас прават да се чувствуваме како овци, а ние упорно и упорно едвај чекаме да дојдете викенд и лето, и да заминеме за Грција. Ако толку и смета и едно обично писмо кое што доаѓа од оваа земја, тогаш зошто на границата не ги враќаат и туристите кои што доаѓаат од оваа земја? Или тие и се слатки и добредојдени бидејќи носат со себе пари кои треба да ги потрошат кај нив?! Дали ние како држава и народ имаме барем малку достоинство, ве молам почитувани политичари кажете ни?! Ако не, ако не не бива, ако не сакаме да не биде, ако не можеме да не биде, кажете ни и тие што останавме тука да си ги собереме парталите, бидејќи нема по понижен народ на Балканот и во Европа од нас! Срдечен македонски поздрав! – порачува Митев.
И неговиот менаџер Аце Петровски исто така реагираше на социјалните мрежи, објавувајќи го писмото со цд–то кое што му било вратено на Јордан. На својот Фејсбук профил тој прашува дали има смисла ова што се прави и до каде одат понижувањата на Македонците.
Како мало потсетување, во август 2016 година Јордан со читателите на ,,Фокус’’ ја сподели случката кога му бил забранет влезот во Грција.
-Завчера ми беше слободен ден. И реков, ај ќе отидам до Солун… Не ме пуштија да поминам, морав да се вратам.Стандардно ги предадов документите на граничниот премин кај Дојран, а службеното лице ми вели, имаш забрана. Ги прашувам како, кога бев во Овчарани пред две недели, овде поминав, а излегов кај Битола… Цариникот ми вели, нема Овчарани, има други имиња. Значи, му реков, затоа што пеам македонски песни ми ставивте забрана, а тој ми одговара -Нема македонски,тоа се фиромски песни,овде е Македонија! Имав таму два поголеми настапи досега, еден лани на дваесетипетти декември во близина на Солун, и еден сега летово, во Овчарани. Имав уште еден закажано за крајот на оваа година повторно на дваесетипетти декември и најави за 2017 година, но ќе морам да ги откажам. За какви човечки права зборува модерната цивилизација не ми е јасно – раскажуваше тогаш пејачот.
Покрај Митев, слично искуство доживеала и фолк пејачката Сузана Спасовска пред неколку години. И таа во минатото имаше настапи во соседна Грција.
Вики Клинчарова