724
Голем хуманитарен концерт ќе се одржи на стадионот во Трубарево на 9-ти октомври, каде нашата естрада ќе пее повеќе од седум часа за младиот Бојан Димитриевски, кому му е потребно скапо лекување на клиника во Русија.
Ристе Ристески, Мартинијан Кириловски, Филип Пецовски, Викторија Лоба, Тајзи, Енегџи бенд и Ѓоко Јовиќ, Благоја Грујовски, Марјан Коцев, група Респекти, Либеро Бенд, Екстра Бенд, Премиер Бенд и многу други музичари веќе го потврдиле своето учество на настанот. За истиот влезниците се продаваат по цена од 100 денари и ќе започне од 16 часот, а ќе трае се до еден часот по полноќ.
-Ниту еден колега кој што беше поканет да учествува на концертот за Бојан не одби, сите веднаш се согласија без размислување. Тука сме секогаш кога треба да помогнеме, колку што е во наша можност – ни изјави фолк пејачката Адријана Кеш, која исто така е дел од музичарите кои ќе настапат.
Бојан, за кого ќе бидат наменети средствата од концертот е 18-годишно момче, кое минатата година во сообраќајна незгода се здоби со тешка повреда на ‘рбетниот мозок (QUADRIPLEGIA – одземеност на раце и нозе), при што остана целосно неподвижен. Потребни му се парични средства за лекување во Москва, Русија. Неговото семејство не е во можност да ги подмири трошоците за неговото лекување, па затоа до сега се одржаа повеќе хуманитарни настани со цел да се соберат потребните средства.
Ова не е прв пат нашата поп и фолк естрада да настапува на некој хуманитарен настан. Речиси секоја недела има слични настани, во разни локали и клубови. И додека нашите пејачи се почесто пеат хуманитарно, нивните колеги од регионот, со статуси на музички ѕвезди ни гостуваат редовно на сите општински манифестации, каде се дочекуваат како почесни гости, со приеми во градоначалничките кабинети, со сместување во елитни хотели, но и си заминуваат со хонорари од по неколку десетици илјади евра.
Ретко кога се случило пејач од регионот да се вклучи во некој хуманитарен настан кај нас, и покрај тоа што некои имаат настапи во земјава и по неколку пати годишно. Пред неколку години Дино Мерлин донираше 300.000 денари на Детската клиника во Скопје, по успешниот концерт и тоа е можеби единствената донација од регионален музичар за која беше информирана јавноста. Пред неколку години, по поплавите во Скопје, кога во земјава дојде на настап Цеца Ражнатовиќ, таа вети дека ќе одвои дел од средствата од концертот за поплавените.
Никогаш не соопшти дали, конкретно кому и колку донирала. Во тој период и „Фокус” ја контактираше по електронски пат, со цел да се информира јавноста за нејзината најавена донација, но таа не одговори на нашите прашања.
Негодувањата од страна на народот во врска со честите и скапи гостувања на музичките ѕвезди од соседството се се почести. За краток период во нашите градови продефилираа Цеца, Здравко Чолиќ, Данијела Мартиновиќ, Јелена Розга, Галија и многу други, а некои од почетокот на годинава ни гостуваа дури и по неколку пати.
Наредниот викенд во Радовиш на манифестацијата Самун ем татлија гостуваат Јелена Розга и Мирза Селимовиќ, а пак во Куманово, исто така наредниот викенд на 11-ти октомври ќе настапат Лепа Брена и Џенан Лончаревиќ на прославата по повод Денот на ослободување на Куманово.
Вики Клинчарова