Печат со РСМ по желба, формулари за влез во Грција – задолжителни!

by Фокус

Пред три дена влезе во употреба печат со новото име на државата на пасошите на граничните премини при излез од земјава. Станува збор за решение во преодниот период, додека не започне издавањето на новите пасоши, кое е најавено кон крајот на годината. Она што е забележително, печатот се става по избор на граѓаните, односно нашите цариници на преминот Богородица ги прашуваат патниците дали сакаат да добијат печат или не, за што тие самите си одлучуваат.

Но, и покрај тоа што многу наши граѓани се одлучиле на своите пасоши да добијат печат на кој е  наведено – Овој пасош е сопственост на Република Северна Македонија, сепак на граничниот премин Евзони, при влез во соседна Грција, грчките цариници продолжуват со старата практика, така што од патниците бараат да потполнат формулари со своите лични податоци и број на пасош. На овие листови се става печат и датата на влез во Грција, а се користат и при излез од нивната земја.

Кај нас, поголемиот број на табли во близина на граничните премини со Грција се веќе заменети со нови, на кои стои името Република Северна Македонија, додека пак во Грција, се уште не е започната промената на старите табли и на повеќето од нив стои ФИРОМ или Скопје. Најавено е дека наскоро и тамошните табли ќе бидат сменети.

Вики Клинчарова

Поврзани новости