Песни што не излегуваат од мода
Влатко вели дека е свесен оти кај нас се снимаат голем број печалбарски песни, но сепак според него тие никогаш не ,,излегуваат од мода“, бидејќи печалбарството во Македонија е нешто кое што било присутно на нашите простори уште во минатиот век, а сега, во последниве неколку години, повторно станало доста актуелно.
„Нашата земја е зафатена од изборното лудило, а песната за младите кои што заминуваат од дома во потрага по подобар живот во странство е токму како за овој период. На естрадата имаме голем број печалбарски песни, некои датираат дури и од пред стотитна години, кога заминувањето на печалба било неизбежно, но еве и денес оваа тема повторно е актуелна во Македонија. Значи во мојата песна ќе се препознаат не само постарите генерации кои што се отселиле, туку за жал и младите кои што се помасовно заминуваат сами во туѓина и зад себе ги оставаат родителите. Таква им била судбината на повеќето Македонци, печалбарството никако да се искорени. Па, затоа овие песни се еден вид на белег на нашето општество и инспирација за творештво на многу писатели, композитори и пејачи“, вели Алексоски.
Музичкиот дел за ,,Прости ми мајко“ е снимен во Охрид на Свети Јован Канео, а останатите сцени се снимени на Аеродромот Александар Велики во Скопје, во казиното ,,Адмирал“ и во Манастирот Св. Ѓорѓи во Кучково. Влатко најави нов албум,а пред официјалната промоција ќе сними уште два спота.
Од ИН продукција, кои се задолжени за снимањето на голем број песни и спотови на нашите фолк и поп пејачи, велат дека речиси секоја втора песна која што се снима е печалбарска.
,,Каков ни е животот, такви ни се и песните. Додека во напредните земји се пее за современи теми, кај нас повторно се враќа печалбарството на сцена. Никако да тргнеме напред и сеуште ни се актулени темите од пред многу децении. Пејачите го снимаат тоа што го бара публиката, а со бранот на нови иселеници, овие песни ќе бидат во тренд уште долг период“ – велат продуцентите.
Вики Клинчарова