Павлопулос: Уставни измени мора да има, зошто со Меѓународен договор ќе го прекршат самиот Устав

by fokus

Промена на Уставот е предуслов  за решение, но и обврска кон владеењето на правото, затоа што Меѓународен договор без уставни измени носи и одговорност за премиерот на соседната земја, смета грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Во обраќање до претседателката на Естонија  Керсти Калјулајд, грчкиот претседател рече дека е потребен договор за името со конкретни гаранции што ќе го елиминираат иредентизмот, бидејќи „Грција не може да толерира да постојат иредентистички тензии и прекршување на историјата“. Но, најважно за Атина, според Павлопулос, е уставната промена.

– Нашата соседна земја треба да го смени Уставот, нејзиниот Устав денес содржи име кое, како што е познато, не е прифатено. Тоа треба да се смени. Оваа промена на Уставот е основен предуслов и знаете зошто е основен предуслов? Затоа што, ние државите членки на Европската унија и на НАТО, сме демократски држави што го почитуваме владеењето на правото. Како да толерираме една држава и нејзиниот премиер да потпише договор и да го ратификуваме овој договор, што е спротивен на Уставот?  Каков пример ќе дадеме? Кон што го туркаме овој премиер? Да склучи Меѓународни договори што го прекршуваат самиот Устав и самиот ќе има одговорност, рече грчкиот претседател на почетокот на средбата со неговата колешка од Естонија, која е во дводневна посета на Грција.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, изјавата на Прокопис Павлопулос од Атина и пораките во однос на разговорите за името беа во исто време со средбата на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија.

Поврзани новости