Павлески до Вангелоски: И вие бевте сооучесник во местење на предмети, па со кое право се ставате на чело на колоната која ќе ја бара правдата?!

by fokus

Поранешниот републички јавен обвинител и актуелен адвокат, Стеван Павлески, испровоциран од изјавата на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангелоски, дадена за претходниот број на „Фокус“, а во која вели дека тој лично ќе им поднесе кривични пријави на претседателите на судовите и судиите кои местеле предмети, вели дека бил испровоциран јавно да му се обрати.

Во целост ви го пренесуваме обраќањето на Павлески до Вангелоски:

Во неделникот „Фокус“ број 1.146 од 22.09.2017 година, на страна 13 толкувајќи ја смислата на извештајот на Прибе, меѓудругото велите:

„…Ќе спроведеме контрола за која сум уверен дека ќе ги потврди сомнежите, бидејќи знам дека се местеле предмети кај судии. Одговорно тврдам дека тоа се случувало пред доаѓањето на вд претседателот Стојанче Рибарев, а го правеле претходните претседатели на судот. Откако злоупотребата ќе се докаже, јас ќе ги поднесам кривичните пријави против судиите и одговорните…

Овој ваш „крик за правда“ ме натера, да се запрашам со што, со кое Ваше дело, сам себе се ставате на чело на колоната која ќе ја бара и расветлува правдата по темните и нечисти ходници на инкриминираниот Кривичен суд во Скопје? Убаво и корисно би било тоа да и го појасните на оваа јавност во Република Македонија која е желна и жедна за правда.

Правам натчовечки напори да не се дамлосам и сам себе се присилувам да верувам дека овој Ваш исказ нема ни капка лага и дволичност, дека нема ни грам страв од новото време за личната слобода и нема намера за ескулпирање. И се си мислам, ми се причинува или не, дека навлекувате капа со шарени бои која не Ви прилега.

Мојата вознемиреност доаѓа од фактот што и јас како Вас одговорно тврдам дека Вие како поранешен претседател на Врховен Суд на РМ во првиот мандат, сооучесник сте во местењето на одредени предмети кај одредени судии, бидејќи знаевте за нивната распределба по принципот: актуелен предмет да се додели во работа на судија пријател. За вакви случаи бевте известени но ништо не презедовте. Како кривичар судија, Вие убаво знаете дека кривично дело со умисла се извршува кога сторителот е свесен за можноста од извршување на кривично дело. Кога сторителот е запознат за фактите и свесен е за ризичноста на случајот.

Вие постапивте по овој образец во случајот „Пајажина“, ТВ А1-Велија Рамковски.

Имено: На 7 февруари 2012 година, на барање на една група адвокати, бранители во случајот, „Пајажина“, во 13 часот бевме примени од Вас како претсдетел на Врховниот суд на Република Македонија. Повод за нашето барање, беше неподносливиот, незаконит и нецивилизиран однос на судијата претседател на совет, Павлина Христова. На таа средба, на која водевте и записник, лично од моја страна бевте запознати за тоа дека:

-Кривичниот предмет со работен наслов „Пајажина“ доделен е во работа на судијата Павлина Хистова, од тогашната претседателка на Основниот суд Скопје1 Скопје, Лидија Неделкова. Критериумот за распределба на предметот е нивното лично пријателство кое датира уште од времето кога тие беа судии во Основниот суд Скопје 2. Поради ваквите односи, судијката Павлина Христова на главните претреси се почуваствува згрижена и заштитена па по секој предлог на одбраната или обвинетите, таа манифестира груб однос, понижување и прекршување на елементарните права на обвинетите со единствена цел случајот „Пајажина“ итно мора да се пресуди.

Во таа прилика Ви ги изнесов следните конкретни факти:

1.Рочиштата за претрес, беа закажувани без консултации со одбраната и траеа од 9.30 до 16.30 часот. На обвинетите не им е дозволено да примат оброк, па тие во овие денови на судење се редовно гладни, бидејќи кога се враќаа во затворот во Шутка, времето за ручек беше поминато.

2.На обвинетите не им беше дозволено судење, да не се одржува, на денот на нивните домашни верски празници.

3.Во почетокот на одржување на првите рочишта, беше направен обид да ни се подметне записник за одржување на главен претрес со однапред подготвена содржина. Кога на тоа реагиравме, вината се префрли на системот „АКМИС“.

4.Кога бранителите ги бараа оригиналните документи и докази, предлозите беа одбивни без исклучок со еден, и Ви укажав дека ќе следува пресуда врз основа на фотокопирани документи.

5.Ви посочив дека во списите од предметот постои писмен доказ Записник од управата за финансиска полиција во која се тврди дека од едно од трговските друштва одземени се 15 вреќи писмени докази во оригинал.

6.Спокојно ме слушавте кога Ви кажав дека судијата Павлина Христова не ја контролира состојбата во судница и дека на едно од рочиштата на еден колега адвокат му ги фрли списите од предметот во очи.

7.Спокојно слушавте и кога Ви укажав дека нервозата кај судијата Павлина Христова произлегува од фактот што нејзината ќерка Ана Герасимовска, беше на листата на избор на судија. Но нејзиниот избор беше условен со пресудување на случајот „Пајажина“. Тогаш не знам што мислвте, но денес знам дека знаете дека по пресудувањето на „Пајажина“, Ана Герасимовска беше избрана за судија во Управниот суд и со носење пресуди се обиде да го спроведе партискиот и ренвашистичкиот процес на лустрација.

По средбата јас излегов, многу задоволен, бидејќи со Вашиот тивок и милозвучен глас на сите ни беше ветено дека прекршувањето на законот мора да се спречи.

Искрено верував до 18 декември 2014 година кога ја добив пресудата на Врховниот суд на Република Македонија, КВП. Бр. 13/2013 од 1 јули 2014 година, во чие донесување Вие сте учествувале како член на совет од петмина судии. Со оваа пресуда всушност вие ги озаконивте, сите незаконити постапки преземени од пониските судови и му ставивте крај на случајот „Пајажина“. Во пресудата на Врховниот суд, во чие донесување Вие учествувавте, нема ни збор за она што Ви укажав на 7 февруари 2012 година.

Каде се обидувате да не одвезете претседателе и судија на Врховниот суд на Република Македонија?

П.С.

На средбата од 7 февруари 2012 година, присутните колеги адвокати, искажаа и други суштествени забелешки за постапувањето на судијата Павлина Христова, но нивните имиња и искази не ги наведов, бидејќи не ги консултирав за содржината на овој текст. Им се извинувам.

Поврзани новости