Патувањето со автомобил има посебен шарм и го следи чувството на слобода и авантура. За безгрижно патување неопходно е безбедно и редовно сервисирано возило. Но, секој може да има лош ден, и да се остане без гориво или да се дупне гума, па затоа секогаш е добро да се има план Б.
За да се поштедиме од нервози во случај на непредвидена ситуација на патиштата, добро е да се подготвиме уште пред патувањето. Ако сте близу до дома, секогаш може да повикате пријател или некој познаник, но, доколку сте на автопат, без разлика дали во границите на државата или во странство, тогаш е подобро да се побара помош на пат од експерти.
Најпрво, доколку мора да застанете покрај патот и немате избор тоа да биде на обележано место за запирање, тогаш е неопходно автомобилот итно да се направи видлив за останатите возила. Затоа, откако ќе се запре возилото и ќе се вклучат четирите трепкачи, прво што треба да направите е да поставите светлосна сигнализација – триаголник. Доколку сте на автопат, законот бара да се облече рефлектирачки елек при излегување од возилото и да се постави триаголник на доволно растојание, за да може останатите возачи да имаат време да реагираат во случај на потреба. Потоа, ако имате мобилен телефон повикувате помош на пат и се повлекувате на безбедно растојание од возилото.
Сите знаеме дека бројот за помош на пат кај нас е 196, но ако се најдете во некоја од соседните држави, тогаш повикувачките броеви се 1987 – за помош од Авто мото сојузот на Србија, 112 – за помош од Сојузот на возачи на Бугарија, 139 – за помош од Авто мото сојузот на Албанија, 1919 – за помош од Авто мото клубот на Косово и 10400 за помош на пат од Авто мото сојузот на Грција или на 171 – специјалниот број на туристичката полиција.
Во земјите од регионот, за помош на пат од Хрватскиот авто мото клуб избирате 1987, во Црна Гора – 19807, во Босна и Херцеговина – 1282 и во Словенија – 1987.
Ако патувате често или не сакате непредвидливи изненадувања, тогаш секогаш интересна опција е пред патување да извадите членска картичка во АМСМ за бесплатна помош на пат во земјата и во Европа.