Патнички воз од Скопје блокиран од товарен- патниците со часови заглавени кај Богомила

by Fokus

Возот е запрен во Богомила, бидејќи во с.Слепче има расипан товарен воз, поради кој е блокирана пругата и патничкиот воз не може да помине, а како резултат на блокадата, патниците со часови чекаат на железничката станица, објави порталот Плусинфо.

Возот тргнал во 14.30, а порталот пишува и дека патниците кои неофицијално се околу 120 на социјалните мрежи споделуваат дека не знаат за што станува збор а кондуктерот им кажал дека можно е да се чека и до полноќ. Велат дека од МЖ не добиле никаков алтернативен превоз, туку биле оставени да чекаат на железничката станица.

Според информациите на порталот, помошна локомотива од Скопје се упатила кон с. Слепче околу 19 часот, за да може да го турне расипаниот воз и да продолжи сообраќајот до Битола.

Ова не е прв случај патниците да патуваат на оваа релација неколку часови. Пред речиси една година истиот воз на релација Скопје-Битола доцнеше 8 часа, за на крај воопшто да не стигне до градот, туку да застане во Прилеп.

Поврзани новости