Во интерес на граѓаните на Делчево и Крива Паланка, јавни државни претпријатија се вклучуваат во санација на улици и патишта оштетени од поплавите, соопштија попладнево од Владата по одржаната 163-та седница.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за преземени активности во врска со прогласената кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, на подрачјата на Општина Делчево и Општина Крива Паланка и донесе Одлука за утврдување на општинските патишта и улици, за коишто работите за рехабилитација и реконструкција ќе ги вршат јавни државни претпријатија.
„Со Одлуката, како што е образложено од предлагачот, Министерството за транспорт и врски, практично се овозможува на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и на Јавното претпријатие за државни патишта – и покрај тоа што станува збор за општински улици и патишта, во интерес на граѓаните, да ги преземат сите потребни мерки и активности за санирање, заштита и реконструирање на улиците во општините Делчево и Крива Паланка. Oва е направено по доставено известување од Општината Крива Паланка, со листа на приоритети за санација на штетите на инфраструктура коишто се во надлежност на општината и листа на приоритети на инфраструктурни објекти коишто се во надлежност на републиката, како и доставено известување од Општина Делчево, со листа на приоритети за улиците, атмосферските канализации, регулација на реките и мостот на река Брегалница“, информираа од Владата.
Задолжеи се Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта, во рок од 6 месеци, да достават Извештај за извршената рехабилитација и реконструкција на утврдените општински улици и патишта.
Невреме неодамна предизвика штети во двата града.
Од Општината Делчево проценија дека поправката на раскопаните и распукани улици ќе чини 1 милион евра.