Белгија го екстрадираше Воислав Будисавлевиќ, партнерот на Мадам Пепи, кој во отсуство беше осуден на затворска казна од три ипол години за фалсификување исправи, информираа од МВР. Тој заврши зад решетки во скопскиот затвор Идризово. За него постоела активна меѓународна потерница за негово испорачување во земјава, откако лани на 11 септември бил уапсен во Белгија за кривични дела кои ги направил на нивна територија.
Тој беше второбвинет во случајот со Персида Момировска, која е осудена на петгодишна казна за шверц на кокаин и облека. Според полицијата, Будисавлевиќ ,со меѓународна потерница, интерпол го барал за шверц на два килограми кокаин од Перу. Во 2009 година, тој заминал за Лима, Перу каде од непознат дилер ја купил дрогата. Преку Германија ја испратил за Скопје каде пристигнала како поштенска пратка за Мадам Пепи. На тој начин, полицијата го откри и шверцот на скапа брендирана роба која Момировска ја продаваше во стан во Капиштец.