Партиска, политичка или системска криза

by Fokus

Сакале или не, дали им е по волја или не, политичките партии, како на „новата“ власт, така и на опозицијата, тежиштето на политичкото дејствување ќе мора да го насочат во решавањето на прашањата што имаат потенцијал актуелната политичка криза да ја преобратат во системска криза

Пишува Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Од завршувањето на локалните избори, па наваму, постојано ги слушаме изјавите на одделни „лидери“ на политички партии дека државата се наоѓа во политичка криза. Прашање е дали е тоа така, затоа што во моментот постои само криза со владејачкото мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.

Сепак, со пристапувањето на Алтернатива кон владејачкото мнозинство, кое веќе е договорено, ќе се изврши деблокада на работата во Собранието и на извршната власт. Притоа, тоа што останува да лебди како неизвесност е времетраењето и ефикасноста во дејствувањето на новата коалициска власт.

Тоа, пак, само по себе го поставува прашањето за одговорноста на партиите, како оние на власт, така и оние во опозиција, за стабилноста на државата. Легитимен дел од политичката борба за власт е партиите на опозицијата да ги демнат сите политички потези на партиите на власт и на нив да реагираат така што ќе го уриваат угледот на власта, за сметка на градењето на својот политички рејтинг.

Сепак, граничната линија во стратегијата за уривање на актуелната власт и основен критериум што е дозволено и политички корисно мора да биде стабилноста на државата во секој поглед  – од безбедносен до економски. Ако тоа не се има предвид, деструктивното дејствување на опозицијата во однос на власта може и ќе ѝ се сврти против самата неа.

ВО ИНТЕРЕС НА ДРЖАВАТА  

Во рамки на сето тоа, во овој момент, во многу изострен облик се поставува прашањето за тоа колку борбата за власт и мотивирањето на партиското членство во таа насока произлегува од потребата да се надминат внатрепартиските кризи, со оглед дека власта или борбата за неа (кога е извесна) е најголемиот кохезионен фактор за секоја партија. Во овој момент тоа најизострено се гледа во СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ.

Дали тоа е шанса што не треба да се пропушти за поодделни членови на самите партии е едно од основните прашања. Ова се ситуации кога во сите партии се случуваат бурни внатрепартиски движења и процеси на прегрупирање на партиското членство, во смисла на заземање поповолни позиции пред претстојните разрешници.

Сепак, внатрепартиските процеси и кризи не смеат да се прелеат надвор од политичките партии и да ги загрозат интересите на државата. Тука лежи тајната на она филигранско менаџирање на политичките процеси во и вон партијата, чија основна политичка одговорност е на секоја партија и на нивните „лидери“. Сѐ друго е само гола борба за власт!

ТЕШКО И ГОРКО

Во спротивно не може да се зборува само за политичка криза во државата, туку за политичката криза во борбата за власт, која крајно негативно и деструктивно се одразува врз целокупното функционирање на државата во сите нејзини сегменти како и, што е најважно, врз комплицирањето и отежнувањето на секојдневниот живот на граѓаните.

За таквите процеси, нормално и логично е вината и одговорноста да падне на политичките партии и на нивните „лидери“. И, што е најлошо, таквите состојби и политички кризи ќе се повторуваат и во иднина, со оглед дека политичките партии до крај го монополизираа и стерилизираа политичкиот живот и политичките процеси во државата.

Оттаму, сакале или не, дали им е по волја или не, политичките партии, како на „новата“ власт, така и на опозицијата, своето внимание и тежиште на политичкото дејствување во следниот период ќе мора да го насочат во решавањето на прашањата што имаат потенцијал актуелната политичка криза да ја преобратат во системска криза.

Тоа, пред сѐ, се 1) обезбедување функционално Собрание; 2) намалување на глобалната администрација и зголемување на нејзината ефикасност; 3) справување со криминалот и корупцијата во судството и обвинителството; 4) недомаќински и расипничка локална самоуправа.

Без тоа тешко и горко на граѓаните што ќе останат да живеат во државава.

 

 

Поврзани новости