Партијата на Македонците во Србија со поддршка за референдумот

by fokus

Партијата на Македонците во Србија (Странка Македонаца у Србији – СМС) го поддржува престојниот референдумво Македонија и ги повикува македонските државјани во Србија да се пријават до 23 август во амбасадата на Република Македонија во Белград, за да можат да го остварат своето гласачко право.

Во соопштението на СМС испратено од Белград од страна на претседателот на партијата Горан Илијевски до медиумите, се објаснува значењето на престојниот референдум, се осудува бојкот на референдумот и се повикува Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија да покаже зрелост и да се изјасни со повик за гласање на референдумот.

– Зборот РЕФЕРЕНДУМ упатува на највисоко ниво на непосредна демократија, директно учество на народот во донесувањето на важни одлуки. Најразвиените демократски земји, Швајцарија и Скандинавските земји најчесто го применуваат референдумот, а тоталитарните и диктаторските режими никогаш и не го применуваат. Волјата на народот треба да се почитува, а народот треба да ја изрази својата волја, кога постои можност за тоа, во спротивно се одлучува во името на народот од помала група или од институциите на државниот систем, се вели во соопштението од СМС.

Македонија, се додава, е пред голем предизвик. Пред референдумот се изнесуваат мислењата и факти за и против. Апелираме за што повеќе дебати и изнесување на аргументи од придобивките и она што можеме да загубиме, за  народот што подобро да се информира и да може да избере правилно, со своето мнозинството.

– Повикување на бојкотот на референдумот, е бојкот и непочитување на вољата и мислењето на сопствениот народ. Во тешки времиња немаме право на неутралност, треба самостојно да ја донесеме сопствена одлука. Секој има право на своја одлука и своја иднина. Секој глас е важен. Затоа, го повикувам Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија да покаже зрелост и да се изјасни со повик за гласање на референдумот, без да потенцира како да се гласа, бидејќи само така може да го оправда своето постоење и да биде Национален совет на сите Македонци во Србија. Ова не е гласање за партии, не се парламентарни избори, ова е многу повеќе, ова е референдумско изјаснување за иднината на Македонија. Сите од дијаспората што живее во ЕУ треба исто така да и помогнат на Македонија да им се придружи, да не остане да живее во минато. Изградете мостови на пријателства кон Македонија, пријавете се и гласајте за ИДНИНАТА на Македонија, се наведува во соопштението на Партијата на Македонците, потпишано од претседателот на партијата Горан Илијевски.

Поврзани новости