Смок од околу два метри се сончал во дворот на капелата во Неготино

by Fokus

Смок долг речиси два метри вчера во тек на ден бил заловен покрај фонтаната во капелата во Неготино, на градските гробишта.

Први го забележале вработени во ЈП Комуналец, по што еден од нив го заловил. Фотографиите од влекачот ги објавиле на социјалните мрежи, по што се создаде паника кај граѓаните кои често одат на гробишта.

-Шест години работам овде, ова е прв пат да забележам смок. Беше растегнат кај фонтаната и сликата беше морничава – ни изјави вработена во ЈП Комуналец која го фотографирала смокот.

Појавата на влекачи во урбаните средини не е ништо невообичаено во тек на летниот период, а годинава граѓани од Неготино реагираа дека забележале змии и смокови покрај кејот, на фудбалското игралиште во спортскиот центар ,,Младост’’, а ги имало во голем број и покрај Спомен костурницата во градот, која се наоѓа во близина на градските гробишта.

Неготинчани кои живеат во близина на Спомен костурницата во повеќе наврати ја контактираа нашата редакција, со апел до надлежните да се среди и исчисти просторот од грмушки и отпад, бидејќи и самите во неколку наврати забележале змии и се плашеле да ги пуштат децата да играат во близина на споменикот.

Апелираа барем да се постават хемиски средства на база на сулфур и нафталин, или пак било каков вид на репелент, кој ќе ги држи влекачите подалеку од урбаните средини.

За време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ беше најавено дека се планира реновирање на просторот околу Спомен костурницата, дека ќе се гради фонтана, пешачки патеки, иргалиште за кошарка и одбојка на песок, и како за проектот биле издвоени четири милиони денари. До денес, местото се уште е несредено.

Во Центарот за јавно здравје Велес од пред неколку години започна да се продава средство наречено ,,Бркач на змии’’ по цена од 850 денари. Се користи за бркање на змии, но и на оси, ласици и куни, односно на животни со развиен орган за мирис. Репелентот се користел за заштита на детски градинки, училишта, дворови, викендици и камп приколки и бил безопасен за околината. Исто така, не му штетел дождот и можел да се користи во тек на цела година. На градските гробишта во Неготино нема поставено репеленти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости