Партијата на Македонците во Србија реагира на изјавата на српскиот министер за одбрана, Александар Вулин и бара од српската Влада да каже дали неговата изјава со којашто го навредува македонскиот јазик е став на целата Влада. Тие бараат извинување од премиерот на Владата.
-По изјавата на министерот на одбрана на Република Србија, а кого во Србија го нарекуваат „воен дезертер“ бидејќи избегал од служење на воен рок, а потоа станал министер за одбрана. Дали изјавата е став на српската влада, која пак би требала да се огради, бидејки не е прв пат да ја напаѓате Македонија, неаргументирано и со тоа ги нарушувате добрососедските односи. Минатиот пат Македонија ја нарековте центар на рушење на Србија!? Впрочем Вие и не сте министер за надворешни работи да коментирате изјава од суверен претседател на држава. Или сте дежурен да лаете и кога треба и не треба, за повеќе му се додворите на вашиот налогодавач.
Или можеби границите на Косово веќе се прекроени и Косово е издадено и продадено? Грижа за мир во регионот е право на секој Претседател, а вие не сте достојни ниту компетентни да коментирате со навреди за македонскиот јазик, кој и Претседателот на Русија, Путин го признава како колевка на сесловенската писменост. Или можеби не се согласувате со Путин? Или сте толку писмени, па не знате да е македонскиот јазик признаен од Обединетите нации? Со ваква реторика не се градат пријателски односи, ја навредувате и македонската национална заедница во Србија, која исто така го зборува македонскиот јазик. После сите навреди од член на српската влада, немојте да очекувате ниту еден глас од Македонците во Србија на претстојните избори. Бараме став и извинување од премиерот и владата на Република Србија, по основ на навреди изречени од министерот Вулин, кој не е достоен на функцијата, вели во изјава за Фокус, Горан Илијевски од Партијата на Македонците во Србија.