Партиите ги продолжуваат разговорите за изборните закони, очекуваат функционална ДИК

by fokus

Најголемите парламентарни политички партии очекуваат на повикот за избор на нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) да се пријават квалитени кандидати, изборот да биде навреме и со консензусот што го постигнаа за преодно решение на ДИК да се овозможи функционалност на ова тело, кое покрај за избори е надлежно и за организирање реферндум и верификација на мандати.

– Очекувам и верувам дека процесот на избор на членови на ДИК ќе помине регуларно и во предвидениот законски рок и некаде до крајот на овој или евентуално почетокот на наредниот месец веќе ќе го имаме новиот состав на времената Државна изборна комисија, изјави Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Со вчера објавениот повик, ДИК треба да добие нов состав со мандат од шест месеци до моментот додека се регулираат измените и дополнувањата на пакетот закони од изборното законодавство. Според сегашното законско решение, четворица членови ќе бидат од власта, тројца од опозицијата, од каде ќе биде и претседателот на ДИК.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека во моментнот не се знае кој ќе биде прв човек на Државната изборната комисија.

– Очекуваме дека ќе се пријават најдобрите кандидат и оти ќе имаме функционална Државна изборна комисија чие времетраење ќе биде шест месеци, изјави Данев.

Тунтев потенцираше дека станува збор за консензуален договор меѓу најголемите четири  парламентарни партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА да се избере преодна Државна изборна комисија затоа што, како што дополни, таа е неопходна и за арно и за лошо и без нејзиното постоење некои процеси може да бидат и закочени.

– Тоа нема да го дозволиме, сите сме  свесни и како парламентарно мнозинство и како опозиција иако се работи за преоден состав верувам дека луѓето што ќе конкурираат и  кои ќе бидат дел од ова тело ќе  бидат експерти во својата област, квалитетни и професионалци,  рече Тунтев.

ДИК, како што укажа, не е надлежна  само за спроведување избори, туку, може да дојде во прашање и организација на референдум и верификација на мандати на нови пратеници, посочувајќи како пример дека сегашен пратеник на СДСМ не може да стапи на функција заменик министер поради нефункционирањето на ДИК.

– Тоа се сите прашања кои можат да закочат одредени процеси и заради тоа добро е што се најде ова преодно решение затоа што со консензус на сите, ДИК се избира со двотретинско мнозинство. Сигурен сум дека ќе биде со консензус и оти ДИК во наредните шест месеци како преодно решение ќе си ја изврши својата функција без оглед која активност согласно надлежностите ќе биде повикана да ја спроведе, посочи Тунтев.

На новинарско прашање во однос на преговорите на партиските работни комисии за пакетот изборни закони, Тунтев рече дека тие разговараат за составот и начинот на бирање на ДИК, финансирањето на политичките партии, како и за измени и дополнувања на уште неколку законски решенија кои го дефинираат изборниот модел, исто така и во однос на управните постапки кои се јавуваат како резултат на жалбите од изборниот процес.

Тунтев повтори  дека СДСМ очекува  сите ревелантни политички партии да се согласат со нивниот предлог за една изборна единица со отворени листи . 

– За цензусот како што сум информиран уште не е разговарано, првин е потребно да се постигне согласност дали сите имаат волја да преминат кон трансформација на изборниот модел, укажа Тунтев и дополни дека има несогласувања кај одредени политички партии околу потребата од измени на изборниот модел.

Новини од исходот  на разговорите на партиските комисии не кажа ниту Данев, но потенцираше дека  очекува квалитетен изборен законик.

Реџаил Исмаили, координатор на пратеничката група на ДУИ,  од каде исто така го поддржуваат временото решение за избор на членови на ДИК,  изјави дека нивен предлог е да има три изборни единици.

– ДУИ беше за тоа да имаме три изборни единици за да имаме застапеност во Собранието од сите региони. Ако не помине тоа остануваме на старото решение со шест, бидејќи сметаме дека изборниот модел со една изборна единица не одговара на сите граѓани односно на сите региони во државата, рече Исмаили, дополнувајќи  дека со една изборна единица многу региони би им останале непокриени со пратеници.

Пратеникот на БЕСА Фадил Зендели, пак, рече дека тие сметаат оти шест изборни единици се многу за Македонија како мала држава по територија и оти се залагаат за помал број и отворени листи.

– Според досегашното функцинирање на овој систем, сметаме дека треба да има помалку изборни единици. Дали ќе има една,  две, три, тоа е прашање  кое може да го договорат политичките партии, експертите и сите заинтерсирани кои може да придонесат за ова прашање. Како политички субјект сме за отворени листи, пропорционалениот систем со отворени листи. Сметаме дека на овој начин можеме повеќе да придонесеме кон демократизација на општеството затоа што со отворени листи ќе можеме да имаме поквалитетни кадри на листите на политичките партии и во однос на тоа поквалитетно Собрание на наредните избори, рече Зендели, посочувајќи и дека согласно законот од трите членови на ДИК од опозицијата еден ќе биде од Движењето БЕСА како помала партија.

Поврзани новости