Партиите едногласно си го зголемија државното финансирање на нивно конто

by fokus

Измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политичките партии вчера беа изгласани по скратена постапка откако седницата во Парламентот се одвиваше без никакви препреки, расправи, процедурални забелешки и пролонгирања. Овие измени беа договорени во работните групи на партиите, а испеглани и на лидерската средба на која требаше да падне договор за референдумското прашање.

Договор за референдумот нема, но има за финансирањето на политичките партии. Со 101 глас „за“ пратениците вчера изгласаа измени со кои се зголемува државната помош за годишно финансирање.

Досегашните одредби предвидуваа годишно да се издвојуваат 0,06 отсто од вкупните приходи на Буџетот за финансирање на политичките партии. Со новите измени процентот се зголемува на 0,15 отсто. Законските одредби ќе предизвикаат фискални последици врз Буџетот на Република Македонија.

Партиите во иднина ќе можат да се финансираат и со подигање на кредити, што до сега не беше дозволено. Освен како досега, да имаат право на сопственост на деловен простор, опрема, канцелариски материјал, превозни средства и друг движен имот, со измените ќе имаат право да поседуваат и земјиште.

Инаку до сега вкупниот износ на поединечната донација не смееше да ја надмине сумата од 150 просечни нето плати од правни лица и 75 просечни нето плати од физички лица. Со измените овие бројки се намалуваат на 60 просечни нето плати од правни лица, и 30 просечни нето плати од физички лица.

Поврзани новости