Кадриу: Комисијата која треба да штити од дискриминација го заштити Неделковски

by fokus

Професорот за човекови права на тетовскиот универзитет, Беким Кадриу, кој е член на Комисијата за заштита од дискриминација, испрати до јавноста соопштение во кое вели дека останатите членови на Комисијата сакале да го заштитат водителот Миленко Неделковски, и затоа не повеле постапка за дискриминаторска содржина во неговата емисија.

Кадриу и Ирфан Дехари имаа издвоено мислење по однос на оваа одлука на Комисијата, во која велат дека Комисијата во овој случај постапи спротивно на својата пракса и спротивно на нејзината суштина.

Со Комисијата претседава Александар Даштевски. Претставката на Агенцијата за медиуми се однесува на говор на омраза кон Албанците, искажан од Мирка Велиновска, говор кој Неделковски го поддржал.

„Цинизам е едно племе кое не може да се спитоми, кое не може да изгради ни соработка ни соживот, да му дадеш улога да учествува во операција обезименување на еден домороден народ.  Знаеш дека во пописните книги и во историјата на турската империја не постоеле Албанци, не постоеле Шиптари, се викале Арнаути“, вели Мирка Велиновска во емисијата „Миленко Неделковски Шоу“, емитувана на 27.01.2018 година на ТВ Алфа.

Понатаму Велиновска вели:

„Арнаут етимолошки значи оној кој нема каде да се врати. Или скратено скитач, чергар, бездомник. Они биле племе од Каквказот кое немало своја земја. Лутале, краделе, ќе поседат некаде, ќе направат зулум, ќе се тргнат на друго место. Значи немале своја територија. Дури и кога оделе со Турците они биле само тоа. Дојденци. Тие одредуваат кое име, кој е идентитетот на народ у кој они се уствари дојденци. Не се никакви Илири, да не се залажуваме“ , вели Велиновска во својата елаборација за Албанците.

Во текот на емисијата, велат од Агенцијата на медиуми, може да се забележи дискриминаторски говор (забранет со Закон) насочен кон албанската етничка заедница.

„Ставовите ги искажа гостинката Мирка Велиновска, а се поддржани од водителот Неделковски со потврдни зборови и дополнувања. Тој во ниту еден момент не спори со нејзините јавно искажани ставови и не се оградува од нив“, велат од АВМУ.

И покрај експлицитниот говор на омраза, Комисијата за заштита од дискриминација ја одби претставката. Тоа според АВМУ е неоправдано и со писмо до Даштевски побараа преиспитување на одлуката.

„Непријатно сме изненадени од одлуката воопшто да не бидат разгледани доказите кои се доставени од АВМУ, туку предвид да бидат земени само ставовите на ТВ Алфа. Притоа, наводите од изјаснувањето на ТВ Алфа се третирани како апсолутна вистина и воопшто не е земена предвид елаборација за овие важни аспекти од утврдувањето на прекршокот која е дадена во Извештајот од надзорот на АВМУ“, велат од таму.

Комисијата не се произнесе по ова барања на Агенцијата, по што следи издвоеното мислење на двајца нејзини членови.

Поврзани новости