Цената на парното се зголемува за 14,18%. Оваа цена ќе важи од 1-ви август, соопшти првиот регулатор, Марко Бислимовски.
Единствена причина за зголемувањето на цената е драстичното зголемување на цената на природниот гас која е за 10 пати повисока во однос на цената која ја имавме лани, изјави Бислимовски.
Додава дека и во Европа се намалува испораката на природен гас, а Македонија нема како да го произведе освен целосно да се увезе.
За просечна сметка од 1800 дена, значи дека ќе се зголеми за 250 денари. Од почетокот на годината цената на парното е зголемена за 28,18%, и доколку не беа субвенциите на владата од 23% сегашното зголемување на цената на парното ќе беше 51%, додава Бислимовски.
Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите.
Доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата, како што посочи Бислимоски, цената би се зголемила за над 100 проценти.
– Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут, што е многу неповолно од еколошки аспект, и е ризично заради потенцијалната неможност да се обезбедат потребните количини на мазут, рече Бислимоски.
Апелира до сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.
– Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5 проценти, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.