Парното ќе поевтини од 1 август

by fokus

Вкупниот трошок за топлинска енергија за потрошувачите на БЕГ се намалува за шест отсто, за потрошувачи на ЕЛЕМ Енергетика во Општина Гази Баба за 13,5 отсто, а во Скопје Север за 12 отсто, соопшти денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски.

Тоа значи дека сметка од 2000 денари за парно на БЕГ на чиј систем има најмногу приклучени потрошувачи, ќе се намали за 150 денари.

Одлуките за утврдување на цените за топлинска енергија  на трите компании кои работат на територија на Град Скопје се донесени на денешната седница на регулаторот. Бислимовски  во однос на одлуката за БЕГ појасни дека поради зголемената цена на природен гас од 20,4 проценти во 2019 споредено со 2018 година,  вкупните трошоци за набавка на енергенсот на БЕГ-производство се зголемени за 24 проценти или во пари 2,6 милиони евра.

-Овие зголемени трошоци делумно ги амортизиравме со тоа што прв пат со нашите одлуки предвидуваме ТЕТО АД Скопје како когенеративна постројка да продава топлинска енергија која што е за 15 проценти пониска од цената на БЕГ производство. Влијанието на исклучените потрошувачи изнесува 7 проценти или во пари 1,8 милиони евра. Оваа година влијанието ќе биде 4 проценти, односно околу еден милион евра, а следната ќе биде 3 проценти или околу 800.000 евра. Благодарејќи на иницијативата која ја поведе РКЕ при носењето на новите правила за снабдување со топлинска енергија која беше прифатена од Владата, со што се намали ДДВ-то за топлинска енергија од 18 на 5 проценти, се доведовме во ситуација да се намалат вкупните трошоци на потрошувачите приклучени на БЕГ за топлинска енерхоија од 1 август за 6 проценти, рече Бислимовски.

Кај потрошувачите приклучени на Енергетика во Општина Гази Баба, а тоа се во населбата Железара и делумно Маџари, вкупниот трошок за топлинска енергија се намалува за 13,5 проценти. При тоа, фиксниот надометок за овие потрошувачи е намален за 30 проценти со што, вели, се дава сигнал да има уште повеќе потрошувачи приклучени на системот за топлинска енергија во овој дел од Скопје. За Скопје Север, каде на мрежата се приклучени околу 460 потрошувачи, цената на парното е намалена за 12 проценти. Со оглед дека станува збор за многу мал број потрошувачи, од Регулаторната комисија предлагаат овие потрошувачи да се вклучат во системот на ЕЛЕМ Енергетика или на системот на БЕГ, затоа што актуелниот снабдувач се соочува со проблем за покривање на трошоците за набавка на природен гас.

-Со ова намалување на цените за топлинска енергија на теритоиријата на Град Скопје кои што во изминатиот период никогаш не биле толку намалени, даваме поттик што е можно поголем број потрошувачи да се приклучуваат на овој централен систем за греење, а исто така веруваме дека со овие цени ќе ги привлечеме и веќе исклучените потрошувачи повтотно да се приклучат на централниот систем за греење во Скопје, рече Бислимовски.

Според анализите на сметките, тој додаде дека нема поевтино греење од топлинската енергија и апелира што е можно повеќе потрошувачи да се приклучат на централениот систем на греење, со што, посочува, ќе се намалат фиксните трошоци на компаниите и ќе има поголемо намалување на ценатата на топлинската енергија. По согледувањата дека многу нови згради не се приклучуваат на централниот систем на греење, туку поставуваат котлиња кои користат електрична енергија што е најскап и неефикасен, Бислимовски најави дека во врска со ова РКЕ во следниот период ќе предложи во новиот закон за градба кој е во фаза на донесување, точно да се знае во кои делови од Скопје на кој начин ќе се греат граѓаните.

-Неприфатливо е од згради кои се на 200-300 метри од топланите да се греат на електрична енергија, рече Бислимовски.

На новинарско прашање дали владината одлука на Град Скопје да му се даде трајно користење на топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас „Градски енергетски системи“ (ГЕС), ќе ги зголеми цените на парното, Бислимовски рече дека не очекува да има поскапување на топлинсклата енергија без оглед на тоа кој ја врши дејноста. До овој момент во РКЕ, кажа дека нема пристигнато никако барање од ГЕС за издавање лиценца.

-РКЕ издава лиценци за вршење енергетска дејност на компании кои имаат основни средства да ја вршат дејноста. Основните средства можат да бидат во нивна сопственост или да бидат земени под закуп. Доколку новоформираното Градско претпријатие достави барање до РКЕ во кое ние ќе видиме дека има право на користење на дистрибутивната мрежа на Град Скопје ние ќе започнеме постапка за издавање лиценца и при тоа ќе водиме сметка да бидат исполенти сите услови и предуслови за тоа, бидејќи нас како РКЕ единствено не интерсира сигурноста во снабдувањето со топлинска енергија по разумни цени, рече Бислимовски.

Прашањето за тоа дали ќе се плаќаат пенали кон БЕГ кое ја има земено под закуп дистрибутивната мрежа на 30 години, тој укажа дека тоа треба да се провери кај Владата и Градот Скопје што е предвидено со договорот кој бил склучен.

Вкупната бројка на приклучени потрошувачи на централниот систем за греење во Скопје се околу 53.000. 

Поврзани новости