Орбан е на наша страна и не поддржува, велат од ВМРО-ДПМНЕ по средбата во Будимпешта

by fokus

Предвремените избори во земјава биле главната тема на разговорите меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер, Виктор Орбан, велат од опозициската партија. Мицкоски беше пречекан на државно ниво во резиденцијата на Орбан, која се наоѓа во замокот „Кармелита“, но средбата предизвика голем интерес кај македонската јавност, имајќи предвид дека Будимпешта е градот каде се наоѓа азилантот и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Уште еднаш излегуваат на површина сомневањата дека Груевски се уште има влијание врз одлуките кои се носат во ВМРО-ДПМНЕ и дека од Будимпешта управува со партијата. Посетата на Мицкоски во земја која му го даде азилот на Груевски, само ги подгрева сомневањата дека тој и понатаму е под директива на својот поранешен ментор.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат ваквите тврдења и велат дека не комуницирале со Груевски откако избега од земјава. Но извори од партијата се сомневаат во вистинитоста на овие изјави. Во партијата, а и надвор од неа, се уште постои уверување дека Груевски будно ги надгледува и одлучува за случувањата во ВМРО-ДПМНЕ.

Посетата на Мицкоски во Будимпешта не изненадува ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ наскоро ќе го менува статутот и при тоа ќе ги избрише почесните претседатели на партијата. Со оваа крупна одлука ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да и покаже на меѓународната заедница дека раскрстува со своето минато и со Никола Груевски, кој се уште е почесен претседател. Дали овој чекор би поминал без одобрение на самиот Груевски?

Освен тоа ВМРО-ДПМНЕ во следниот период може да донесе и некои кадровски промени, со што поранешни истакнати членови би се вратиле на раководни позиции.

Но најважно од се е Законот за јавно обвинителство, кој треба да ја одреди судбината на предметите на СЈО. Законот е се уште во фаза на преговори, но по посетата на помошник државниот секретар на САД во земјава, Филип Рикер, работите мрднаа од мртва точка. Дали ВМРО-ДПМНЕ зазема нови позиции по однос на Законот, кои треба да бидат допрецизирани, усогласени и утврдени?

Како и да е Мицкоски има прашања за кои треба да се консултира, а кои ќе следат по летните одмори. Едно од нив е и барањето за предвремени избори, како и финансирањето на партијата.

„Фокус“ неодамна објави дека ВМРО-ДПМНЕ подигнала кредит од Комерцијална банка во износ од 244.000 евра. Не е непознато дека партијата се соочува со финансиски проблеми откако на барање на СЈО беше замрзнат речиси целокупниот недвижен имот што го поседува ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори и го прифати предлогот на премиерот, Зоран Заев, да ги добие само два месеци пред регуларните парламентарни избори.

Од партијата велат дека предвремените избори биле главна тема на средбата со Орбан.

-Унгарскиот премиер бил информиран дека бараме и очекуваме да се случат предвремени избори. Самото тоа што делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ била примена со највисоки почести кажува дека Орбан е на наша страна и не поддржува – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во официјалното партиско соопштение, пак, по средбата стои дека Мицкоски и Орбан разговарале за „прашања поврзани за меѓусебна соработка на партиско ниво“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Унгарската граѓанска алијанса – „Фидеш“ чиј претседател е Орбан.

За потсетување дел од медиумите кои отворено ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ, се финансирани со унгарски капитал.

М.В.

Поврзани новости