Оштетувањата на мостот Беласица, под кои поминуваат многу електрични кабли и цевки од топлификација, нема да го наруши снабдувањето на енергија и топлина, изјави Дарио Николовски, директорот на Агенцијата за Енергетика, во емисија на ТВ21.
Мостот што води од трговскиот центар „Ист Гејт“ кон Железниката станица во Скопје се запали минатиот петок, поради што тој е затворен за сообраќај.
„Проблемот со мостот Беласица отвори низа прашања, а јас ќе кажам во делот на снабдување со енергија и со топлина. Таму минуваат цевки на топлификација. Она што можам да кажам, без разлика на конечните извештаи и колку мостот е оштетен, во делот на снабдувањето на енергија, без разлика дали има оштетување на водот, од ЕСМ добив известување дека има уште еден алтернативен вод на железничкиот мост. Пред идната грејна сезона снабдувањето со греење ќе биде непречено, парно ќе има. Што и да се случи, кои ќе бидат следните чекори, има алтернативен вод и тој гарантира сигурност за грејната сезона идна за граѓаните“, рече Николовски.