Здружението на приватни лекари на Македонија се противи на оставката на директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Маја Парнаџиева Змејкова. На денешната прес конференција, претседателката на здружението, докторката Лидија Чолакова Дервишова истакна дека со оставката на Парнаџиева ќе настанеле катастрофални последици по примарното и приватното здравство, бидејќи таа и нејзиниот тим биле луѓето коишто го почитувале тој ресор и кажале дека мтичните лекари се столбот наздравствениот систем.
– Како приватен сектор побаравме централна база на податоци директорката Маја Парнаџиева Змејкова и нејзиниот тим тоа го направија реалност,побаравме електронски пријави и одјави и тоа функционира,побаравме намалување на цените не лековите со цел да бидат подостапни за пациентите и тоа се направи,побаравме режимот на лекови да се промени и тоа се направи. Заедно го правевме критериумот за новите боледувања, ги направивме упатувањата и новиот начин којшто постои од ред две-три години. Затоа сметам дека сите овие работи кои се суштински за приватното и примарното здравство и целокупниот здраствен систем, Македонија и премиерот и Владата не смеат да дозволат луѓето коишто придонесуваат и имаат капацитет да ги изработат работите, да си поднесуваат оставки и да бидат жртви за нешто што не го направиле – истакна Чолакова Дервишова.
На ова имаше одговор Огнен Јанески, еден од организаторите на денешниот протест поради негрижењето за болеста на деветгодишната Тамара Димовска којашто почина пред две седмици.
-Особено сум запрепастен од Лилија Чолакова Дервишова, којашто е велешанка, а медиумски ја познавам како борец за правата на приватните лекари! Каде беше да пушта соопштенија и да притиска за да се оперира Тамара, за да се спречи прогресирањето на сколиозата, а и да се спречат белодробните заболувања, кои во ваквите случаи се пропратни проблеми, а поради којшто проблем, сега се обидуваат да ги обвинат родителите за не грижа!!! Срамота! – напиша Јанески на својот профил на Фејсбук.
Инаку, денеска после протестот на улиците на Скопје на кој граѓаните протестираа за оставка на министерот Никола Тодоров и сите оние беа поврзани со одолговлекувањето на операцијата на Тамара Димовска, оставка си поднесоа директорите на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева Змејкова и Џемаил Мехази.