Парламентарното мнозинство на хартија има 78, а во пракса веќе стигнало до 80 пратеници!

Да оставиме кога ќе има потреба од 80 гласа во Парламентот да може тоа и да се покаже во пракса, рече премиерот Христијан Мицкоски. Пред повеќе од еден месец, Мендух Тачи објави дека неговата ДПА го напушта Европскиот фронт предводен од ДУИ. Во меѓувреме, со пратеник помалку останува и коалицијата на СДСМ, откако независно и самостојно делување најави лидерката на ЛДП Моника Зајкова, која беше посочена од сопартијци дека работи на зближување до ВМРО-ДПМНЕ, а нејзин роднина му станал советник на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, иако беше близок соработник на неговиот претходник Оливер Спасовски.

by Фокус

Откако Мендух Тачи ја извлече ДПА од Европскиот фронт предводен од ДУИ, а Моника Зајкова најави дека ЛДП ќе настапува независно и самостојно, иако долги години беше во коалиција со СДСМ, неофицијалните информации одеа во насока дека тие ќе бидат на линија со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на која и се потребни токму уште двајца пратеници за да контролира двотретинско мнозинство од 80 пратеници.

Немаме официјален договор, но тука се и двајцата – се нудат – ни изјави висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски јавно потврди дека владејачката коалиција има 80 пратеници, ако не и повеќе. Тоа, според него, ќе се потврдело кога ќе дојде време и ќе има потреба, што значи на некое идно гласање во собранието.

Јас сум малку пооптимист, мислам дека се повеќе од 80, но ако има потреба и фактички ќе ги видиме – рече Мицкоски во интервју за косовската РТК. Подоцна, запрашан на што ја темели оваа изјава и кои се тие пратеници со кои парламентарното мнозинство од 78 пратеници би стигнало до 80 и повеќе, тој рече: „Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот ќе се покаже во пракса“.

Дозволете ми малку да ве корегирам – јас не реков дека имаме 80 пратеника, туку реков дека можеби имаме и повеќе од 80 пратеника. Можеби имаме. Само кога ќе имаме потреба од 80 пратеника можеби и имаме 80 и повеќе од 80 пратеника…. Доволно е сега во овој момент. Да оставиме кога ќе има потреба од 80 гласа во Парламентот да може тоа и да се покаже во пракса – рече тој.

Инаку, пред повеќе од еден месец Тачи објави дека неговата ДПА го напушта Европскиот фронт предводен од ДУИ, но досега јавно не презел конкретен чекор со кој би разјаснил како ќе делува во следниот период. Веќе пишувавме дека секогаш кога се анализира политичкото делување на Тачи, кој од верен „до смрт“ на Сашо Мијалков стана голем поддржувач на Зоран Заев, треба да се има во предвид и нешто друго.

Додека Ахмети промовира приоритети, „војводата“ го напушти Европскиот фронт: Каква игра игра Тачи?

Имено, треба да се има во предвид неговиот интерес што го има во тетовското акционерско друштво „Интерпромет“, каде мнозинскиот управувачки пакет го преземаа блиски луѓе на Тачи и ДПА. „Фокус“ своевремено пишуваше како луѓе на Тачи, во време кога ДПА е на власт, стекнувале државни акции во спорни постапки за багателни цени.

(АРХИВА) Досие „Интерпромет“: Како луѓе на Тачи презедоа компанија вредна над 15 милиони евра за џабалак?

Исто така, со пратеник помалку остана и коалицијата на СДСМ, откако независно и самостојно делување на ЛДП најави Зајкова, која од нејзини сопартијци, кои покренаа внатрепартиска иницијатива за промени, беше посочена дека работи на зближување до ВМРО-ДПМНЕ, додека самата најавува дека ќе „соработува“ за одредени решенија блиски со либералдемократските идеи и принципи.

Зајкова и Тачи ќе му обезбедат двотретинско мнозинство на Мицкоски, за да не чека помош од Ахмети ако има потреба од 80?!

Во тој контекст, објавивме дека советник на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски станал поранешен помошник-министер од времето на неговиот претходник Оливер Спасовски, кој, случајно или не, е близок роднина на Зајкова. Станува збор за Марјан Здравковски, кој во времето на Спасовски беше помошник-министер за информатика и телекомуникации, а сега му е советник на Тошковски за истата проблематика.

Како советник на Тошковски станал близок соработник на Спасовски, кој е во роднинска врска со Зајкова?

Долго време, Тошковски и партијата од каде доаѓа – ВМРО-ДПМНЕ, фрлаа дрвја и камења кон Спасовски, обвинувајќи дека тој и неговите соработници, наместо да го гонат криминалот, шурувале со криминалците. Сепак, по политичките промени Тошковски како советник ангажирал близок соработник на Спасовски и роднина на Зајкова, и тоа во време кога таа е под напад дека работи на приближување до ДПМНЕ.

Затоа, го прашавме Тошковски како и поради кои причини одлучил да го избере Здравковски за советник и кои негови референци и квалификации ги ценел при носење на таква одлука? Со оглед дека и тој и ВМРО-ДПМНЕ како партија го обвинуваа Спасовски и тогашното раководство на МВР за негонење на криминалот, па дури и за поврзаност со криминалците, како тогаш одлучил негов близок соработник да назначи за советник?

Дополнително, прашавме како донел таква одлука ако се има во предвид и фактот што Здравковски имаше надлежност во рамки на процесот на издавањето на лични документи, а добро е познато е што се случи со издавањето на пасоши и други документи? На крајот, прашавме директно дали ова кадровско решение се базира исклучиво на објективност, или пак можеби одлуката има политичка позадина, бидејќи Здравковски е дел од ЛДП и воедно е во роднинска врска со претседателката Зајкова?

Предметното лице е дел од Министерството за внатрешни работи повеќе од 20 години и има завршено електротехнички факултет. Распоредувањето на конкретното работно место е направено согласно неговото образование и долгогодишно искуство, притоа водејќи сметка за нивото од кое е распореден.

Лицето продолжува да работи во областа на информатиката и телекомуникациите, со цел обезбедување континуитет на одредени стратешки започнати процеси од значење за функционирањето на Министерството. Напоменуваме дека ова распоредување нема никаква политичка позадина, туку е базирано исклучиво на стручноста и потребите на институцијата“, гласи одговорот што го добивме од МВР.

Влатко Стојановски

Поврзани новости