Пари и моќ

by Fokus

СЗО (да, таа СЗО) се доведе во состојба да фали тоталитарни режими како Виетнам за одлично справување со кризата. Неспорно е дека тоталитарните режими подобро се справуваат со кризата, но по која цена?

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

„Power is the ultimate aphrodisiac“ Henry Kissinger

Не постои некогаш изговорена поточна реченица од цитираната на диносаурусот на меѓународната политика и влијание, поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер, еден од главните заговорници за „поголема меѓународна соработка“ или популарно наречено глобализам. Моќта, а не парите се опиум за оние малкумина што имаат forever money.

Што ќе му се повеќе пари на некој велможа кој има милијарди во банка? Јахта од двесте, наместо од сто и педесет метри? Поголема куќа од замокот во кој веќе живее? Секако не. Оваа категорија супермоќни, сакате наречете ги 1 отсто, или како и да е, покрај финансиски бенефит, ги интересира МОЌ пред сè и над сè. Моќта и апсолутната контрола одсекогаш биле влажен сон на секој феудалец.

„ПРЕПОЗНАВАЧИ НА ЛИЦЕ“

За жал, вонредни состојби како сегашната, разноразни пандемии и здравствени кризи, економски кризи и воени состојби се плодна почва за раѓање или зајакнување на авторитарни режими, кои ја користат моменталната состојба за зајакнување на репресиите кон сопствените народи, но и целосна експанзија на мониторирање на популацијата. Русија воведува „препознавачи на лице“ со кои се имаме запознаено во Кина, под преттекстот на „за Ваше добро“. Како помага системот за препознавање лица во борба со вирусот би сакал некој поупатен да ми објасни, но јас се сомневам дека тие камери ќе се отстранат и по завршувањето на пандемијата.

Проблемот е што ваквите практики земаат замав и во земји за кои не постои „консензус“ дека се авторитативни како Кина и Русија. Европски земји, како Полска, па дури и една од ретките демократии (строго во смисла на основни политички права и плурализам) на Блискиот Исток, Израел покажуваат тенденции на зајакнување на контролата, и тоа во областите што немаат врска со борба против Ковид 19. Израелскиот премиер Нетанјаху одобри тајно следење телефони на населението, особено на оние во изолација за наводна борба против корона вирусот. Сличен обид имаше и во соседството, каде што во Србија беше донесена, па по жестока реакција на јавноста повлечена, Уредба за конролирање на информациите во време на вонредна состојба. Ако ова на македонски не се преведува како цензура, не би знаел поинаку да го скоцкам.

ГУГЛ И МАЈКРОСОФТ

И да беше проблемот локализиран, немаше да бидам толку загрижен. Сме навикнале Кина и Русија да бидат баба рога во меѓународната политика. Но, и во земјата на слободните рози не цветаат, и тоа датира од пред вонредните состојби. Сега напуштениот проект Мавен (со кој Гугл соработуваше со Министерството за одбрана на САД за систем за мониторирање и фацијална рекогниција преку дронови) беше напуштен, задоволувачки, по внатрешен бунт на 3.000 вработени по чиј притисок Гугл не го обнови договорот.

Мајкрософт (да тој Мајкрософт) на многу тивок начин избриша 10 милиони слики од базата на податоци, од преку 100.000 луѓе поради наводна непрецизност на системот. Секако не би било тоа Мајкрософт да не го претстави во своја полза, апелирајки да се „усовршат системите со цел да се избегне злоупотреба на ваквите системи“, ХА!

СЗО (да, таа СЗО) се доведе во состојба да фали тоталитарни режими, како Виетнам, за одлично справување со кризата. Неспорно е дека тоталитарните режими подобро се справуваат со кризата, но по која цена? Некој може да поентира дека во ваквите земји има параметри што ги чинат подобри од „демократските“ – помалку убиства, некаде помалку криминал, помала употреба на нaркотични средства, но како замена имаат по една камера од глава на жител, екстензивни полициски часови и основни права, кои не ги исполнуваат ни минимум меѓународно признаетите стандарди. Слободата не е сè, но без слобода сè е ништо!

Поврзани новости