Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, во петокот одржа миса на Бадник пред околу 1.500 верници во црквата Свети Петар, држејќи богослужба и покрај новиот скок на бројот на случаи на Ковид-19 во Италија.
Папата со маска на лицето прошета низ централниот премин на црквата со пеење на хорот на Сикстинската капела, која ги започна богослужбите по повод Божиќните празници во Ватикан, кога се слави раѓањето на Исус во Витлеем.
Тој ги повика верниците да бидат понизни и да се свртат кон малите, секојдневни работи.
-Да се откажеме од поплаките и алчноста кои не прават незадоволни. Бог тргнува во потрага по пастири, по невидливото, ние го бараме видливото. Исус е роден да служи, а времето го поминуваме трчајќи за успех. Бог не бара сила и моќ, тој бара нежност и понизност, порача папата Франциск.
Папата повика и на „враќање на достоинството на работата на човекот бидејќи човекот е господар, а не роб на трудот“.
Ова е втора Божиќна миса во времето на Ковид. Минатата година на мисата можеа да присуствуваат само 200 луѓе.