459
Папата Франциск, кој денеска пристигна во дводневна посета на Малта, рече дека размислува за патување во главниот град на Украина, Киев.
За време на летот од Рим за Малта, новинарите го прашале дали ќе ја разгледа поканата на украинските политички и верски власти, тој одговорил потврдно, без да даде други детали за можната посета.
Посетата на Малта, најмалата земја на ЕУ, е негово 36. патување во странство.
Во фокусот на неговата посета на католичката земја, меѓу другото, ќе биде и состојбата со мигрантите и бегалците сместени во добротворни установи, кои планира да ги посети за време на дводневниот престој.
Папата требаше да отпатува за Малта во мај 2020 година, но патувањето беше одложено поради пандемијата на коронавирус.
За време на своето патување, папата Франциск планира да го посети и малтешкиот остров Гозо каде се наоѓа националното светилиште и познатата пештера Свети Павле.
Предвидена е и миса со илјадници верници во близина на главниот град Валета.