Папандреу: Грција сака решение за името, а не да го потцени вашиот идентитет

by Фокус

Целта на Атина не е да се потцени вашиот идентитет и култура, туку да се најде решение за име кое би било различно од референцата Македонија, изјави поранешниот грчки премиер и министер за надворешни работи Јоргос Папандреу во интервју за емисијата „Фактор магазин“ на ТВ „24 вести“.

– Тоа значи име кое би било различно од референцата Македонија. Може да се додаде  Горна… Но, мораме да смислиме нешто. Мора да сфатиме дека целта не е да се потцени вашиот идентитет, вашата култура туку тоа треба да биде нешто што ќе ни дозволи да живееме заедно и ќе го ставиме минатото зад нас – рече Папандреу.

Тој не верува дека грчката влада е расположена да дозволи влез на Македонија во НАТО под привремената референца, но верува дека владата е расположена и подготвена да се најде решение.

-Вие не го сакате тоа име, ние не велиме дека го сакаме тоа име. Зошто да не најдеме нешто кое ќе биде прифатливо за обете страни? Мислам дека тоа ќе се користи во меѓународните односи. Тоа нема да го промени вашиот идентитет. Мислам дека е важно да го решиме тоа пред да мислиме на влез во НАТО и во ЕУ – вели Папандреу.

Поврзани новости